Акција на цртање на графити насловена „Кисела Вода графити џем“ се случи викендов [фото]

Фото: Соња Ставрова

Во партнерска соработка помеѓу тимот на Скопје 2028 – кандидат за европска престолнина на културата, општина Кисела Вода и Графити Шоп Хром, викендов на 4 и 5 септември се реализираше акција на цртање на графити насловена „Кисела Вода графити џем/Kisela Voda Graffiti Jam”.

„Оваа акција беше организирана по повод назначувањето на нов „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје за слободно користење од уличните уметници за цртање графити, сликање мурали, тагови и слично. Станува збор за потпорен ѕид во населба Пинтија, на булеварот Борис Трајковски, во општина Кисела Вода, во должина од 70 метри. Со назначувањето на легалниот ѕид општина Кисела Вода директно го подржува развојот на урбаната култура, овозможува нов простор за креација и стимулира творештво со разновиден културен израз,“ велат од Скопје 2028.

Иницијативата за назначување на легални ѕидови во градот ја разви тимот на Скопје 2028 во соработка со претставници на скопската графити сцена. Првите два легални ѕида се назначија од Град Скопје во јули годинава. Препознавајќи ја важноста на создавање нови урбани простори за уличните уметници, општина Кисела Вода иницираше именување на уште еден легален ѕид, чие назначување се реализира во соработка со Град Скопје и тимот на Скопје 2028.

Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, новиот легален ѕид во Пинтија претставува уште еден легален простор за слободен уметнички израз, кој е особено важен за младите улични уметници, кои на ѕидот ќе можат слободно и безбедно и да ја развиваат својата креативност и способност за цртање.

Во таа насока се реализира и акцијата „Кисела Вода графити џем/Kislea Voda gaffiti jam”. На повик организиран од Графити Шоп Хром како учесници во оваа акција се пријавија 20 македонски цртачи на возраст од 16 до 32 години, на кои им се придружија и неколку улични уметници од Германија и Белгија.

Меѓу другите во акцијата на цртање графити, водена под мотото  „Другарство” учествуваа уметниците: Жута Куќа, Tac, Rask, Smooth, Esiem, Dig, Woo, Katma, Snake, Zork, Aris, Kiks, Bone, Janx, Maro, Cen2, Teazer, HoboGang. Покрај креативната акција „Кисела Вода графити џем/Kislea Voda gaffiti jam” овозможи и простор за дружење, социјализација и соработка помеѓу уметниците.

„Се надеваме дека оваа пракса ќе ја следат и други општини во Градот Скопје и ќе овозможат заедно да создаваме подобар и поубав град преку создавање на нови јавни простори за уметничка креација,“ велат организаторите.