Уметниците сликаа на еден од двата ѕида во Скопје посветени на графитите

Акција за цртање графити на легалниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов на тема „Солидарност”, во која учествуваа седум домашни уметници. Фото: Град Скопје, 25 јули 2021

 

Тимот на „Скопје 2028 – Кандидат за Европска престолнина на културата“, кој е иницијатор на идејата за назначување на легални ѕидови во Скопје, организираше акција за цртање графити на легалниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов на тема „Солидарност”. Во акцијата учествуваат седум домашни улични уметници: Ертунч Сали, Давор Кешкец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермаљ Криезиу.

Акцијата на цртање графити се реализира викендов, а акцијата е организирана во партнерство со Младинскиот културен центар.

Како дел од активностите на кандидатурата на Град Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“, назначени се две локации за легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови и слично.

Двете локации се потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по Реплек, како и ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли.

Тимот за спроведување на активностите за кандидатурата на Скопје за Европска престолнина на културата за 2028 година на почетокот на 2021 година, на предлог на улични уметници од градот, покрена инцијативата за именување на првиот „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје.

Легален ѕид / Legal Wall е дефиниран ѕиден простор од поголем размер на одредена локација, кој е одобрен од страна на сопственикот или локална власт/јавната институција за слободно користење за уметничка креација. Како слободен простор за креација легалниот ѕид овозможува на секој заинтересиран уличен уметник да може да создава уметност без временско одредено или законско ограничување. Ова е особено важно за младите улични уметници кои ќе имаат простор да ја развиваат својата креативност и способности за цртање.