На две локации во Скопје ќе има легални ѕидови за цртање графити и мурали

Photo by JOSHUA COLEMAN on Unsplash

Градот Скопје во рамки на кандидатурата за Европска престолнина за културата за 2028 година назначи два легални ѕидови за слободно користење од уличните уметници за пишување и цртање графити, сликање мурали, тагови и слично. Првата локација е потпорниот ѕид на улицата Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по фабриката Реплек. Втората локација се ѕидовите од двете страни на булеварот Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

„Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници. Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење на 26 јули 2021 година, на денот на Солидарноста, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје“, информираат од тимот на Скопје 2028 – Кандидат за Европска престолнина на културата.

По тој повод, на овој датум ќе се организира и акција на цртање на графити на легалниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов на тема „Солидарност”, на која учество ќе земат седум домашни улични уметници: Ертунч Сали, Давор Кешќец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермал Криезиу. Акцијата на цртање графити ќе се реализира викендот на 24 и 25 јули. Акцијата е организирана во партнерство со Младинскиот културен центар.

„Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ, пишувањето/цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи и кај нас е нелегална, многу градови именуваат и креираат легални ѕидови со што им овозможуваат слободен и безбеден простор за креација и уметничко изразување на уличните уметници“, се наведува во соопштението на тимот на СКОПЈЕ 2028.

Тимот на СКОПЈЕ 2028 на почетокот на 2021 година на предлог на улични уметници од градот ја покрена инцијативата за именување на првиот „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје, а Градот Скопје ја прифати иницијативата.

Инаку, Легален ѕид / Legal Wall е дефиниран ѕиден простор од поголем размер на одредена локација, кој е одобрен од страна на сопственикот или локална власт/јавната институција за слободно користење за уметничка креација.