fbpx

Графити: Кризата им годи само на атинските ѕидови

-

Атинските ѕидови се непресушен извор на идеи, политички пораки, мали филозофски дискусии и на дилеми. Секоја пора од градските ѕидови дише во бунтовен дух, прекриена со графити и со шаблони кои се занимаваат со политичките или социјалните прашања во државата. Речиси секој проблем, секоја вознемиреност може да се прочита на ѕидовите. Дали е преплашеноста за пребродување на месецот со скратените плати, револот од владините политики, тажните слики од зголемениот број бездомници кои се „вдомуваат“ под ведро небо и на влезовите пред деловните згради, атинските ѕидови тоа веднаш го впишуваат, креирајќи активна јавна дебата, борејќи се за поактивно будење и за освестување на народот.

Во екот на политичките подготовки на новиот пакет мерки за штедење, на ѕидовите на бунтовната Ексархија, квартот на бунтовниците, уметниците и на анархистите, осамна огромен мурал на атински бездомник, фрлајќи уште едно силно потсетување на тешката секојдневна реалност со која се справуваат голем број атински граѓани.

Авторот на муралот, Wild Drawing, WD, еден од најактивните графити-уметници во Атина, вели дека не гледа друг начин освен својот револт од секојдневнието да го преточи во уметност која можеби ќе креира дијалог со минувачите и ќе ги предизвика граѓаните да подзастанат и да размислат малку поинаку за работите.

– Живеејќи ја грчката реалност, ги чувствувам сите последици на социјалната и на финансиската криза. Не можам и не сакам да ги игнорирам порастот на сиромаштијата и невработеноста, зголемувањето на бројот на бездомниците, зголемениот број на самоубиства, популарноста на неонацистичката Златна зора, убиствата на имигранти кои се обидуваат да дојдат до Европската унија преку Грција. Едноставно не можам да ги затворам очите пред тоа – вели WD во разговор за „Мета“.

Потекнува од Бали, но со години живее во Атина и сурово, но прецизно, преку своите мурали и графити ја пресликува темната слика на грчкото општество. Еден од неговите 3Д-графити, момче кое жонглира со молотови и посакува добредојде во Атина, кој осамна за време на насилните протести против финансиската криза, останува еден од најпрецизните графити за бунтовната природа на квартот Ексархија, но и на Атина во целост.

– Графитот „Welcome to Athens“ беше поттикнат од насилните протести по убиството на Александрос Григоропулос во 2008 година. Не знам дали градот секогаш ќе остане таков, но убеден сум дека општествениот отпор ќе продолжи и во иднина – вели WD.

Од графити-уметниците и анархистите со силните пораки, до оние кои без големи уметнички аспирации, само со спреј и со шаблон пишуваат куси пораки, сите имаат една заедничка цел, а тоа е да го разбудат и да го освестат народот.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...