Аудиоснимките со прислушувани материјали, што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги активираа уметничките форми по ѕидовите, па на повеќе згради во Скопје може да се забележат графити инспирирани од „најсочните“ фрази употребени во „бомбите“ на опозицијата.

Изразот на Гордана Јанкулоска „Шу праиш“, кој стана популарен на социјалните мрежи, а доби и свој хаштаг на „Твитер“, е напишан на неколку згради, а најчесто до тој израз стои и оној на Зоран Ставрески „Здраво Горде“. Но, сепак, помеѓу графитите води изразот „Ало, началниче“, како што, според објавеното од Заев, меѓусебно се нарекуваат директорот на УБК, Сашо Мијалков, и новинарот Драган Павловиќ-Латас.

Освен фрази од прислушуваните разговори, едни од поновите графити се и ликовите на Анонимуси, хаштазите „бомба“ и „тиктактиктак“ и илустрациите на бомба.

Колку што се брзи цртачите на графити, исто толку брзи се и тие што сакаат да ги покријат, па дел се ишарани со други бои за да не може да се види што е напишано.