„ГРАфитиМУзикаСЕнки“, во четврток мултимедијален перформанс за млади во Скопје

Мултимедијален перформанс за млади „ГРАфитиМУзикаСЕнки“ ќе се одржи на 9 септември (четврток), со почеток од 19 часот, во Скопје. Настанот се организира од театарот „Сенки и облаци“, а истиот е поддржан од Град Скопје. Перформансот ќе се одржи пред театарот во населбата Дебар Маало, спроти кафулето Лајка.

„Повелете на мултимедијален перформанс кој преку спонтани сесии со нашите ментори за цртање графити, музика во живо и игра со сенки зад белото платно ќе понуди една поинаква вечер за младите во Дебар маало“, информираат од театарот „Сенки и облаци“ во поканата до сите заинтересирани граѓани.

Мултимедијалниот перформанс за млади ќе биде бесплатен настан, но организаторите потсетуваат дека тој ќе се одржи согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на ковид-19.