„Тендери“ се одложи за 25 септември поради болест на судијата Шабани


Скопје, 13 јули, 2018 - 10:53 (META) 

Поради болест на судијата Осман Шабани денеска во Кривичниот суд во Скопје не се одржа рочиштето за предметот на СЈО „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.

Новото рочиште е закажано за 25 септември, кога ќе бидат сослушани сведоците на обвинителството и одбраната. Втор, резервен термин за ново рочиште е утврден за 4 октомври.

Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Според обвинението дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.


Завршни зборови за „Тенк“, продолжуваат судењата за „Тендери“ и „Тотал“


Скопје, 14 мај, 2018 - 10:18 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска ќе се одржат три судски рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство, од кои за еден ќе се изнесуваат завршните зборови.

Во судењето за случајот „Тенк“, во кој, за набавката на прескапиот блиндиран „мерцедес“ вреден близу 600.000 евра, на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, треба да бидат изнесени завршните зборови на одбраната. Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

Во Кривичниот суд покрај овој процес, денеска ќе има рочишта и за  случаите „Тендери“ и „Тотал“. Во првиот случај и се суди на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, за тендерот за завршни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“. Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Во случајот „Тотал“, му се суди на новинарот Драган Павловиќ-Латас, кој не присуствуваше на претходните три рочишта поради здравствени, односно семејни причини. Латас се товари дека давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку неговите фирми затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично тој затаил 3.876.471 денар или 63.032 евра.


Канческа-Милевска: Илија ме нервира, не можам органски да го поднесам


Скопје, 13 април, 2018 - 14:02 (META) 

Со преслушување на пет телефонски разговори во присуство на јавноста, Кривичниот ја продолжи работата по предметот „Тендери“. Од разговорите, четири се направени во 2011 година и во нив најчесто разговараат поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, а петтиот разговор е од 2013 година меѓу Канческа-Милевска и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, објави „МКД.мк“.

На првиот разговор што беше презентиран, покрај Канческа-Милевска и Јанакиески, учествува и директорот на ГП „Бетон“ од Штип, Илија Бреслиски. Во разговорот Канческа-Милевска ги информира Јанакиески и Престилски дека „утре ќе биде објавен тендер“, но, како што посочува, „во него е наведено сѐ за да го добие Бетон“. Наведува дека ќе ја тераат работата да нема застој и дека дента му биле префрлени 48 до 49 милиони денари. Му вели „терајте си ја работата како да е сѐ во ред“, а претходно му кажува дека ќе треба да се објави нов тендер, бидејќи е сѐ исцрпено со анексот.

Во вториот разговор меѓу Канческа-Милевска и Јанакиески таа го информира дека нема денар за да им плати и дека треба со ребалансот да се обезбедат средства, а на тоа Јанакиески ѝ вика „да ги продадеме твоите алишта за да им помогнеме“.

Во третиот разговор меѓу Канческа-Милевска и Јанакиески, таа го информира колку ја нервирал Илија кого, како што вели, не можела органски да го поднесе: „ми иде ножот да му го ркнам до крај, а Ице ми иде во Вардар да го удавам“. Го информира дека сѐ уште не се излезени од, како што вели, „страната што се гледа од кај тебе“, а Јанакиески ѝ вели дека „утре ќе излезат, а ако не ќе им го турне скелето“.

Во четвртиот разговор повторно меѓу Канческа-Милевска и Јанакиески, поранешната министерка за култура му кажува на Јанакиески дека „Илија е мрднат и мисли дека таа му викнала полиција, му вели дека не може органски да го поднесе“. Посочува дека му платила 50 милиони, а за останатите 20 милиони ќе треба да се снајде, бидејќи ги нема парите и ќе треба да ја почека уште еден месец. На тоа Јанакиески ѝ одговара дека ќе треба да ја почека.

Петтиот разговор е меѓу Гордана Јанкулоска и Канческа-Милевска од 2013 година во кој поранешната министерка за култура ја информира Јанкулоска дека се јавил некој Николче Цветановски од СВР Битола кој ѝ ги барал документите за изградбата на Музејот на ВМРО. Во меѓусебниот разговор се информира дали треба веднаш да му ги даде доколку дојде, или, пак, треба да му каже дека треба да почека да ги собере, а во меѓувреме барала од тогашната министерка за внатрешни работи да провери за кого станува збор и дали е „некој комуњар“. Тогашната министерка за внатрешни работи ја советува доколку го добие налогот да му каже дека ѝ треба време да ги собере документите и да не му ги дава веднаш на Николче Цветановски, а во меѓувреме, како што вели, „ќе провери кој е тој и за што се работи“.

По презентирањето на аудио материјалите судечкиот совет даде пауза од половна час по што треба да продолжи судењето.


Канческа Милевска не се чувствува виновна во случајот „Тендери“ за Музејот на ВМРО


Скопје, 13 март, 2018 - 11:34 (META) 

Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска рече дека не се чувствува виновна за кривичното дело што и се става на товар во случајот „Тендери“ на СЈО во кој таа е првообвинета.

Канческа Мислевска на денешното рочиште кажа дека го разбира обвинението како текст, но не разбира на кој начин постои злоупотреба.

– Го разбирам тоа што е напишано, но не можам никаде да најдам каде има злоупотреба во обвинението – рече Канческа Милевска пред Судискиот совет.

Таа тврди дека заедно со останатите две обвинети, кои биле вработени во Министерството, работеле според сите законски прописи и процедури. Тие исто така на денешното рочиште рекоа дека го разбираат обвинението и дека не чувствуваат вина.

Судијата Осман Шабани соопшти дека не го прифаќа барањето на адвокатите на обвинетите да им бидат доставени „бомбите“ врз основа на кои СЈО го темели обвинителниот акт. Тој рече дека станува збор за пет аудио материјали кои обвинетите можеле да ги преслушаат во просториите на СЈО, поради што предлогот го одби како неоснован.

Случајот „Тендери“ се однесува на изградбата на Музејот на ВМРО. Според обвинението, градежната компанија „Бетон“ од Штип била фаворизирана и по барање на тогашната министерка за култура фирмата почнала со изведување градежни работи уште пред да биде потпишан договорот за јавна набавка.


Адвокатите на Канческа – Милевска ги спорат вештачењата на СЈО, следното рочиште на 13 март


Скопје, 21 февруари, 2018 - 13:02 (META) 

Со приговори на одбраната околу вештачењето на доказите и за надлежноста на Специјалното јавно обвинителство помина првото рочиште од судскиот процес за случајот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

Претседателот на судечкиот совет на Кривичниот суд во Скопје, Осман Шабани, го прекина рочиштето и следното го закажа за 13 март, кога ќе треба да се произнесе по приговорите на одбраната.

Адвокатите Сашо Дуковски и Еленко Миланов, на почетокот на денешното рочиште, реагираат до судот околу вештачењето на „ЕОС консалтинг“, кое го оценија како неообјективно. Според нив, станува збор за вештачење на поддржуница на италијанска, односно странска компанија, која не може да врши вештачења. Тие ја оспорија и лиценцата на потписникот на вештачењето, Страхил Глигоровски, која важела до 17 април 2017 година, а вештачењето било изготвено на 30 мај, истата година. Лиценцата на Глигоровски му била продолжена кон средината на јули 2017 година. Поради ова адвокатите бараат изземање на вештачењето и негово издвојување од другите материјали во предметот.

Адвокатката Сања Алексиќ рече дека барале од СЈО да им бидат предадени аудио-материјалите кои се дел од доказите, но, оти тоа не било направено, поради што сега бараат копии од нив. Алексиќ рече дека преку вештаци, кои ќе ангажираат, ќе бараат да се утврди дали прислушуваните разговори се монтирани и дали се целосни или се прекинати.

Адвокатите бараат и да се провери надлежноста на СЈО, односно дали тоа може да постапува во овој случај.

На приговорите на одбраната реагираше обвинителот на СЈО, Стевчо Донев, кој рече дека дел од нив биле изнесени и при поднесувањето на обвинението, но Советот за оценка на обвинителен акт ги одбил како неосновани. Во врска со приговорот за вештачењето, тој наведе дека кога била дадена наредбата за вештачење двајцата вештаци имале важечки лиценци.


Почнува судењето на Канческа – Милевска за случајот „Тендери“ на СЈО


Скопје, 21 февруари, 2018 - 10:01 (META) 

Денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да почне судскиот процес против поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, обвинета во случајот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство.

Канческа-Милевска е обвинета во предметот „Тендери“ за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари (околу 880.000 евра).

Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство и одлучи прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес против поранешната министерка за култура.

Денеска треба да продолжи и судењето за случајот „Транспортер“ на СЈО, во кој првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште давесетина лица. Тие се товарат за малверзации со превозот на ученици во Битола, тешки околу 300.000 евра.


Судењето на Канческа – Милевска за „Тендери“ закажано за 21 февруари


Скопје, 29 јануари, 2018 - 15:04 (META) 

Кривичниот суд за 21 февруари го закажа почетокот на судењето на поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка во Собранието, Елизабета Канческа – Милевска за случајот „Тендери“ на Специјалното јавно обвинителство.

Два порано, односно на 19 февруари на обвинителна клупа во Кривичниот суд треба да седне новинарката и уредничка на „Сител“, Ивона Талеска, која се товари за затајување данок во случајот „Тифани“ на СЈО.

Канческа-Милевска е обвинета во предметот „Тендери“ за злоупотреби со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари (околу 880.000 евра).

Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство и донесе одлука прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес против поранешната министерка за култура.

Талевска е обвинета дека од 2008 до 2014 како управителка на фирмите „Смарт ДООЕЛ“ и „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“, во завршните сметки давала лажни податоци и одбегнала да плати данок од 37.634 евра за фирмите и 16.924 евра личен данок.


Кривична пријава против Канческа – Милевска и нејзини поранешни соработници


Скопје, 28 декември, 2017 - 13:22 (META) 

Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, нејзиниот заменик Драган Недељковиќ и против Ѓ.Т., државен советник за финансиски прашања и раководител на сектор за финансии во Министерството за култура, информираат од таму.

Кaнческа-Милевска и нејзините соработници се осомничени за кривично дело несовесно работење во службата и причинување штета на буџетот во износ од 2.770.640 евра.

„Во периодот од јули 2009 до февруари 2017, тројцата осомничени со пропуштање должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, на начин што спротивно на член 581 став 2 од Законот за трговски друштва, кој децидно наведува странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на Македонија се додека не организираат подружници, примиле времени ситуации – фактури од странскиот правен субјект „Светлост Театар“ ДОО Белград, кој не е регистриран даночен обврзник во Македонија“, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.

Како што појаснуваат од таму, во фактурите, незаконски бил вкалкулиран дополнителен износ претставен како данок на додадена вредност (ДДВ) од 18 проценти, при што, министерот и заменик-министерот потпишале шеесет и четири решенија за исплата на средства, а раководителот на сектор за финансиски прашања потпишала налози за исплата на парични средства на штета на буџетот на Македонија, со кои извршиле плаќање во странство врз основа на 11 договори за извршување услуги, стоки и работи.

„Притоа, спротивно на член 14 став 2 од законот на ДДВ, извршиле противзаконска исплата на ДДВ надвор од границите на Македонија, иако извршените услуги, стоки и работи од страна на ‘Светлост Театар’ ДОО Белград се спроведени на територијата на Македонија“, се додава во соопштението на Управата.


Канческа – Милевска ќе оди на суд за јавните набавки за Музејот на ВМРО


Скопје, 26 декември, 2017 - 16:06 (META) 

Кривичниот суд во Скопје денеска соопшти дека Советот за оценка на обвинителен акт го одобрил обвинението за случајот „Тендери“, со што ќе има судски процес и овој предмет на Специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

„Предметот по одобрениот обвинителен акт согласно Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС – системот), електронски ќе биде распореден за понатамошно постапување, а кога ќе биде закажан термин за одржување главна расправа, јавноста ќе биде благовремено информирана“, стои во соопштението на судот.

Апелацискиот суд Скопје на почетокот на ноември, годинава одлучи прислушуваните разговори да се користат како доказ во судскиот процес за случајот „Тендери“.

Инаку, поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, се товари за злоупотреба на службената положба, односно дека без завршена постапка за јавни набавки дозволила фирмата „Бетон Штип“ да изврши градежни работи во Музејот на ВМРО, со што, според СЈО, буџетот бил оштетен за 54 милиони денари или околу 878.000 евра.


ВМРО-ДПМНЕ: Упадите на СЈО по домови се „димна завеса“ за дефокус на јавноста


Скопје, 15 декември, 2017 - 15:15 (META) 

Специјалното јавно обвинителство и правосудните органи се ставија целосно во функција на хунтата на Зоран Заев и наместо да постапуваат согласно закон тие служат само за политичка пресметка со неистомисленици, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по денешните информации дека СЈО извршило претрес во домовите на поранешната министерка за култура и актуелна пратиничка во Собранието, Елизабета Кенческа – Милевска и поранешниот генерален секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски.

Од партијата велат дека „апсурдните упади во домовите се класична форма на политички притисок и заплашување на секој кој не ги поддржува деструктивните политики на СДС“.

„Активностите на СЈО секогаш служат за создавање димна завеса и дефокус на јавноста од реалните проблеми на граѓаните, со што медиумите под контрола на власта наместо да известуваат за катастрофата со која што се соочува државата и граѓаните, добиваат коска во форма на монтирани политички случаи на СЈО и судството под контрола на хунтата“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму порачуваат дека сите незаконски постапки во иднина ќе бидат ревидирани, а секој што „слепо извршувал политички наредби наместо да го почитува законот ќе биде соодветно санкциониран“.

Еленко Миланов, адвокат на Канческа -Милеска за „Фокус“ потврдил дека утринава во домот на поранешната министерка за култура бил извршен претрес од истражители на СЈО.

– Беше извршен претрес во домот на Канческа – Милеска, и тоа на електронски уреди и енвентуално документација – изјави Миланов, кој додава дека станува збор за предистражна постапка на СЈО.

Од СЈО засега не излегуваат со детали за извршениот претресите претреси.