!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Постои нова динамика во земјата на нејзниот пат кон ЕУ, оценија Вајгл, Кукан и Фленкештајн


Скопје, 1 септември, 2017 - 15:27 (META) 

Европратениците Кнут Флекештајн, Едвард Кукан и Иво Вајгл, вчера и денеска имаа средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со лидерите на политичките партии и со координаторите на пратеничките групи, со кои разговараа за актуелните случувања во земјата и за зајакнување на политичкиот дијалог во Собранието.

Тројцата европратеници, како што се наведува во заедничката изјава, со македонските политичари и функционери, разговарале за реформската агенда неопходна за членство на земјата во ЕУ и за ефикасното институционално функционирање на Собранието.

„Разговаравме за предизвиците во Собранието во актуелната политичка клима и се согласивме дека политичкиот дијалог е суштински за напредок во однос на итните реформи и за подобрување на парламентарната култура и атмосфера во парламентот“, велат европратениците.

Тие наведуваат дека нивните соговорници ја поздравиле посветеноста на Европскиот парламент и неговите предлози за поддршка на дијалогот и за потрага по компромиси, што е карактеристично за сите ефективни и модерни парламентарни институции.

„Разговаравме како да го продолжиме политичкиот дијалог во парламентот и како да го поддржиме градењето на капацитетите за вработените и за пратениците, вклучувајќи ја и техничката експертиза поддржана од Европската комисија“, се вели во изјавата и се додава дека во соработка со еврокомесарот Јоханес Хан, секогаш ја покажувале својата солидарност да работат со Собранието, поддржувајќи ја евроинтеграцијата на земјата.

Тројцата европратеници наведуваат дека забележале нова динамика во земјата, како и интерес од Џафери и од лидерите на политичките партии да се вклучат во дијалог за прашања од стратешка важност за државата и за нејзините граѓани, вклучувајќи ги и реформите потребни за земјата да напредува на патот кон европската интеграција.

„Пред локалните избори, ние исто така ги охрабруваме сите политички претставници и институции да дејствуваат одговорно и да гарантираат дека сите граѓани ќе имаат право слободно да го остварат своето демократско право“, велат Вајгл, Кукан и Фленкештајн.


Ахмети: ДУИ останува посветена на реформите и на решавање на споровите со соседите


Скопје, 1 септември, 2017 - 15:24 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) останува ангажирана во спроведувањето на реформите и во решавањето на проблемите, како што е прашањето за името и другите отворени прашања со соседните земји, изјави денеска лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со европратениците Едвард Кукан и Иво Вајгл.

– Храбро ќе бараме и ќе работиме во правец на споменатите реформи, не само во судството, туку и на други полиња и ќе бидеме бескомпромисни во борбата против коруцијата и организираниот криминал, како вредности кои не само што ги бара ЕУ, туку како вредности кои нè облагородуваат и нè засилуваат нас како држава. Ова останува наша определба и како што вам ви го кажувам ова, им го кажав и на европратениците, за тоа да го пренесат во структурите на Европа – рече Ахмети.

Тој додаде дека им се заблагодарил на Вајгл и на Кукан за досегашната помош и за идните ангажмани во правец на интеграцијата на Македонија во Европската Унија и засилувањето на реформскиот процес, особено во сферата на владеењето на правото.


Планот „3-6-9“ се спроведува забрзано, ѝ соопштил Заев на бриселската тројка


Скопје, 1 септември, 2017 - 14:21 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн разговарал за актуелната политичка состојба во Република Македонија во пресрет на локалните избори, спроведувањето на зацртаниот реформски процес, како и за надворешната политика и за евроатлантските процеси.

На сребата Заев ги информирал дека спроведувањето на реформскиот план „3-6-9“ е инклузивен процес што се одвива со засилено темпо и дека во неговата реализација целосно се вклучени сите министерства. Во однос на меѓународната политика, тој нагласил дека изминатиот период е особено позитивен во поглед на меѓународната политика и унапредувањето на односите на Република Македонија и на соседите.

– Преку Договорот за добрососедство со Република Бугарија и со соработката со сите други соседи, докажавме дека можеме сами да ги решаваме отворените прашања во заемна корист, без притоа да чекаме помош од посредници во процесот на договарање – рекол Заев.

Во пресрет на локалните избори, актуелниот премиер истакнал дека очекува победа на СДСМ и на коалицијата на фер и веродостојни локални избори, чијшто исход во голема мера ќе го одреди правецот по кој во иднина ќе се движи Република Македонија.

– Верувам дека по парламентарните избори и локалните избори ќе ја докажат потребата од мултиетничкиот карактер на партиите. Локалните избори, на кои очекуваме победа, ќе ги докажат придобивките од концептот на едно општество во кое силно веруваме -рече Заев.


Џафери со европратеничката тројка: Политичкиот дијалог во Собранието мора да се унапредува


Скопје, 31 август, 2017 - 17:53 (META) 

Претседателот на Собранието на Република Македонијa, Талат Џафери, денеска во Скопје имал средба со европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан, на која ги информирал за актуелната политичка состојба во земјава, активностите на Собранието и за реформските активности што ќе се преземат на планот на европската и на евроатлантската интеграција на Македонија.

Џафери, како што соопштија од Собранието, укажал на зголемената активност на Собранието на меѓународен план и ја нагласил важноста од негување и градење добрососедски односи, за што го посочил потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Бугарија и средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, кој денеска е во посета на земјава.

Европратеникот Иво Вајгл и неговите колеги ја понудиле својата помош и поддршка за „креирање атмосфера за компромис меѓу различните парламентарни политички партии за полесно надминување на проблемите во транзициониот период“.

Џафери и тројцата европратеници се согласиле дека политичкиот дијалог мора постојано да се унапредува за непречено функционирање на Собранието.


Манчевски во Брисел: Ќе продолжат демократските процеси во Македонија


Брисел, 5 мај, 2017 - 15:21 (META) 

Потпретседателот на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Дамјан Манчевски, при вчерашната посета на Европскиот парламент, присуствувал на заедничкиот состанок на пратеници од Европскиот парламент, на кој биле и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и амбасадорот на Македонија во ЕУ, Андреј Лепавцов.

„На состанокот, еврокомесарот Хан ги оцени случувањата во Собранието на Република Македонија минатиот четврток, како незамислив акт на насилство и побара да се најдат извршителите и да изведат пред лицето на правдата. Еврокомесарот Хан го поздрави изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и истакна дека следен чекор е избор на реформска влада, која ќе биде ориентирана кон исполнување на реформските приоритети, што ќе создаде услови за отворање на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ“, соопштува СДСМ.

Манчевски имал и одвоени средби со европратениците Кнут Флекенштајн, Едвард Кукан, Иво Вајгл, Виктор Боштинару, Јенс Нилсон, Тонино Пицула, како и со европратеникот и претседател на Партијата на европски социјалисти, Сергеј Станишев.

„Сите го осудија насилството врз новинарите и врз пратениците во Собранието, го поздравија изборот на новиот претседател на Собранието на Македонија и изразија поддршка на продолжувањето на демократските процеси и формирање на новата реформска влада, како и силните заложби на мнозинството кон евроатлантските интеграции“, соопштува СДСМ.


Вајгл, Кукан и Флекенштајн: Очекуваме влада за две недели, одложувањето ќе има последици


Брисел, 2 мај, 2017 - 17:33 (META) 

Европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои беа посредници во постигнувањето на Договорот од Пржино во јули 2015 година, денеска во заедничка изјава повторно го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да ја почитува волјата на парламентарното мнозинство и побараа тие што имаат политичка и криминална одговорност за насилствата да сносат соодветни последици.

„Официјалната истрага треба ефикасно да ги идентификува и да ги гони извршителите на овие неприфатливи криминални напади. Политичката одговорност исто така треба да се утврди и да има соодветни последици за да се спречат вакви недемократски активности“, се вели во изјавата.

Тројцата европратеници го поздравуваат изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, изразувајќи поддршка и очекување дека новиот спикер целосно и веднаш ќе ги преземе своите одговорности во интерес на земјата и на сите граѓани.

„Како што разбравме, новиот спикер ќе го информира претседателот Иванов дека парламентот бара од него да ја преиспита својата позиција и да прифати дека на лидерот на мнозинството треба да му биде овозможено да формира влада без понатамошно одложување. Очекуваме ова да доведе до назначување нов премиер во наредните две недели. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на парламентот и да престане со опструкциите на демократските процеси и желбата на граѓаните на земјата за крај на кризата“, стои во изјавата на европратеничката тројка.

Тие во заедничката изјава нагласуваат дека „понатамошните одложувања на формирањето на новата влада ќе има неизбежни последици“.

„Ги споделуваме желбите на граѓаните на Македонија да го видиме крајот на актуелната криза. Неможноста за формирање влада во следните две недели ќе претставува неуспех за политичките лидери на земјата да ги исполнат желбите на своите граѓани. Уште еднаш му препорачуваме на Европскиот парламент гласањето за извештајот за земјата за 2016 година да се одложи во исчекување на развојот на настаните во наредните две недели“, велат европратениците во својата изјава.


Кукан се надева на значителен пресврт во кризата во Македонија и на Балканот


Брисел, 21 април, 2017 - 10:09 (META) 

Европратеникот Едвард Кукан, известувач во сенка за Македонија во Европскиот парламент, во интервју за „Еуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans) вели дека во наредните месеци очекува значителен пресврт во политичките случувања во Македонија и во другите балкански земји зафатени од „трендот“ на блокада и на бојкот на клучните институции.

– Ние се соочуваме со сериозна политичка криза во Македонија и во Албанија. Во другите земји во регионот, на пример, Црна Гора и Косово, се борат со бојкот на парламентите. Се чини дека ова е регионален тренд, кој е контрапродуктивен за демократскиот развој во земјите кои европскиот праг. Се надевам дека во следните месеци ќе видиме значителен пресврт во овој тренд. Сепак, тоа е првиот и најфундаментален Копенхашки критериум – вели Кукан.

Кукан во интервјуто зборува за перспективата на Европската Унија, политиката на проширување и за состојбите во земјите од Западен Балкан – кандидати за членство во Европската Унија.


ЕП: Ситуацијата во Македонија е многу сериозна, кризата ја оддалечува од ЕУ


Стразбур, 6 април, 2017 - 11:16 (META) 

На пленарната седница на која се разгледуваше извештајот што известувачот Иво Вајгл го подготви за напредокот на Македонија во 2016 година, Европскиот парламент синоќа изрази загриженост поради политичката состојба во Македонија.

Европарламентарците оценија дека ситуацијата во Македонија е многу сериозна и оти со продлабочувањето на политичката криза се загрозува европската перспектива на земјата. Тие побараа да се деблокираат процесите за конституирање на Собранието и за формирање влада.

Претставникот на малтешкото претседателство, Јан Борг, зборувајќи во име на Советот на Европската Унија, рече дека Македонија страда од поларизација и од култура на поделби и дека системски недостатоци се регистрирани во судскиот систем, човековите права и борбата против корупцијата.

Известувачот Вајгл истакна дека Собранието не може да работи и да се формира нова влада поради системски опструкции и однесувањето на шефот на државата. Тој, исто така, ги повика земјите од регионот да не се мешаат во внатрешните работи на Македонија, особено во период кога ситуацијата во земјата е толку проблематична и комплицирана.

– Не треба да ја правите ситуацијата уште потешка со мешање во внатрешните работи. Македонија се соочува со големи предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, очекувам дека ќе дојде крајот на кризата, дека владата ќе се формира и дека ќе се обнови нормалното функционирање на Собранието – порача Вајгл.

Известувачот „во сенка“, европратеникот Кнут Фленкештајн, порача дека е лошо да се држи цела земја заложник затоа што не се оствариле очекувањата на една партија за останување на власт.

– Поголемиот дел од земјата мисли дека демократијата функционира само ако победат – рече Флекенштајн.

Европратеникот и известувач во сенка, Едвард Кукан, го повика претседателот Иванов „да ја почитува волјата на мнозинството и да го даде мандатот за формирање влада, а Собранието да почне да работи според нормална процедура“.

Гласањето за резолуцијата е предвидено за првата сесија на Европскиот парламент во мај.


Вајгл, Кукан и Флекенштајн: Нема оправдување за тактиките на одолговлекување


Стразбур, 5 април, 2017 - 15:56 (META) 

Не гледаме никакво оправдување за одолговлекувачките тактики што се користат во Собранието за одложување на изборот на нов спикер и за формирање влада, стои во заедничкото изјава на тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, по средбата со шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски, во Стразбур.

Попладнево Европскиот парламент на пленарна седница треба да расправа за ситуацијата во Македонија.

– Како членови на Европскиот парламент кои ги поддржаа сите напори за надминување на актуелната криза и кои работеа напорно за поддршка на европската перспектива на македонските граѓани, длабоко сме загрижени за неоправданото пролонгирање на кризата и за порастот на последици за земјата, вклучувајќи го и влошувањето на меѓуетничките односи. Гласањето за извештајот за земјата за 2016 година веќе беше двапати одложувано како директна последица на несигурноста во земјата и вечерва на пленарна седница на Европскиот парламент ќе дебатираме за ваквата ситуација. И покрај ова, ние силно веруваме дека ситуацијата во земјата може да се подобри преку спроведување на демократски процеси, кои треба да доведат до надминување на политичката криза – стои во изјавата на тројцата европратеници.


Кукан: Бојкотот на парламентот стана омилен спорт на Балканот


Брисел, 29 март, 2017 - 10:18 (META) 

Бојкотот на парламентот се претвори во спорт во Балканскиот регион, но политичката дебата во земјите треба да се води во парламентот, изјави европратеникот Едвард Кукан, за време на вчерашната дебата во Европскиот парламент, насловена „Криза на демократијата на Западен Балкан“.

Кукан, говорејќи за политичката ситуација во Македонија, Албанија, Црна Гора и во Косово, рече дека никој во ЕУ не го сака бојкотот. Тој го осуди порастот на национализмот во регионот, кој, како што рече, политичарите го користат за привлекување гласачи.

– Сенките од минатото не помагаат, а процесот на проширување со текот на годините ќе стане потежок – додаде Кукан.

Еден од дискутантите беше и специјалниот известувач на Европскиот парламент за Албанија, Кнут Флекенштајн, кој истакна дека демократијата во земјите во Балканот е нарушена, а тоа им овозможува на владите да се однесуваат автократски.