Европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои беа посредници во постигнувањето на Договорот од Пржино во јули 2015 година, денеска во заедничка изјава повторно го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да ја почитува волјата на парламентарното мнозинство и побараа тие што имаат политичка и криминална одговорност за насилствата да сносат соодветни последици.

„Официјалната истрага треба ефикасно да ги идентификува и да ги гони извршителите на овие неприфатливи криминални напади. Политичката одговорност исто така треба да се утврди и да има соодветни последици за да се спречат вакви недемократски активности“, се вели во изјавата.

Тројцата европратеници го поздравуваат изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, изразувајќи поддршка и очекување дека новиот спикер целосно и веднаш ќе ги преземе своите одговорности во интерес на земјата и на сите граѓани.

„Како што разбравме, новиот спикер ќе го информира претседателот Иванов дека парламентот бара од него да ја преиспита својата позиција и да прифати дека на лидерот на мнозинството треба да му биде овозможено да формира влада без понатамошно одложување. Очекуваме ова да доведе до назначување нов премиер во наредните две недели. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на парламентот и да престане со опструкциите на демократските процеси и желбата на граѓаните на земјата за крај на кризата“, стои во изјавата на европратеничката тројка.

Тие во заедничката изјава нагласуваат дека „понатамошните одложувања на формирањето на новата влада ќе има неизбежни последици“.

„Ги споделуваме желбите на граѓаните на Македонија да го видиме крајот на актуелната криза. Неможноста за формирање влада во следните две недели ќе претставува неуспех за политичките лидери на земјата да ги исполнат желбите на своите граѓани. Уште еднаш му препорачуваме на Европскиот парламент гласањето за извештајот за земјата за 2016 година да се одложи во исчекување на развојот на настаните во наредните две недели“, велат европратениците во својата изјава.