Кахремани: Со седиштето во Тетово, Беса отвора ново историско поглавје во политиката


Тетово, 15 јануари, 2018 - 21:38 (META) 

Членовите на Централното раководство и на Советот на Движењето Беса , кои го изгласаа Неџмедин Кахремани за вршител на должност претседател на партијата до одржување на Конгресот, вечерва отворија седиште на партијата во Тетово.

„Во ова ново седиште ќе комуницираме со сите, кои до вчера не беа пожелни во Беса. Од вечерва Беса отвора ново историско поглавје во политиката во Тетово. Овие простории не се на одделни кланови, реони или села, туку канцеларијата на Беса е за сите граѓани. Поделбите не се посакувани од никого, но кога ставот е различен, поделбата е неопходна. Имаме тука гости кои досега поради одредени поединци не нашле место во Беса. Но од денеска ви ветувам, во Беса ќе има место за сите“, порача Кахремани.

Тој додаде дека во партијата ги чекаат внатрепартиски избори и организирање на Конгрес.

„Треба понатаму да продолжиме да работиме за одбрана на правата на Албанците и на другите во Македонија. Вечерва на состанок на Централното раководство ги одредивме чекорите за организирање на Конгресот. Беса ќе ги надмине овие фази, и ќе биде уште посилна“, додаде Кахремани.


Беса и е потребна на политичката сцена во Македонија, порача Мицкоски


Скопје, 7 јануари, 2018 - 17:03 (META) 

Во врска со расколот во Движењето Беса, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача што побрзо обединување, бидејќи како што кажа, политички субјект како оваа партија и е потребна на политичката сцена во Македонија.

– Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека партијата е обединета и сплотена – изјави Мицскоски, по присуството на божикната литургија во „Св.Климент Охридски“.

Тој повика и на поширок фронт на луѓе од јавната сфера, кои би се сплотиле со нив во битката против власта.

Прашан за спорот со името со Грција, тој рече дека, немаат информација за тоа како се одвиваат преговорите, ниту за нивната содржина и суштина.

– Заклучно со овој момент можам да го потврдам истото тоа што го потврди и најголемата опозициска партија кај нашиот јужен сосед, односно нејзиниот претседател Мицотакис, кој кажа дека и кај нив најголемата опозициска партија не е вклучена во разговорите за името – рече Мицкоски.


Тетовскиот огранок на Беса бара да се почитуваат легитимните органи на партијата


Тетово, 7 јануари, 2018 - 15:53 (META) 

Портпаролот на Движењето Беса, Абдуш Демири денеска информираше дека, членовите на Централниот одбор што вчера одржале неформален состанок во Скопје биле поканети да присуствуваат на состанокот на Централниот совет на Движењето Беса во Тетово.

– Последните информации ни беа дека тие ќе дојдат, но во последен час слушнавме дека тие одржуваат некој неформален состанок во Скопје, на кој што донеле нелегитимни одлуки. Централниот совет и Движењето Беса се овде во Тетово – изјави Демири.

Во однос на посебните одлуки во Скопје и во Тетово за одржување на прв Конгрес на Беса, Демири рече дека не може да коментира неформални состаноци и одлуки.

– Можам да коментирам само околу легалниот состанок на Централниот совет на Беса што се одржа во Тетово, на кој се одлучи дека, на 24 февруари ќе биде организиран првиот Конгрес на Движењето Беса и каде беше избрана комисија од седум членови која ќе го координира целиот процес за Конгресот. До Конгресот, Движењето Беса ќе го води досегашниот претседател Билал Касами – рече Демири.

Денеска и претседателката на Форумот на жени на Беса од Тетово, Хатије Етеми побара од пратеникот од тетовскиот регион Неџбедин Каремани, кој вчера на Централниот совет одржан во Скопје беше назначен привремено да ја води партијата, да ги почитува законските и легитимните органи на Беса и кажа оти претседател на партијата е Билал Касами.

– Бараме пратеникот Каремани, кој мандатот го доби од активистите од овие локални ограноци, да ги почитува законските и легитимните органи на Движењето Беса, да го почитува легитимниот претседател на Беса, Билал Касами, кој и му го отстапи пратеничкиот мандат на Каремани – изјави Етеми.

Вчера, опозициската партија Беса одржа два паралелни собири на највисокиот партиски орган, Централниот совет – еден во Скопје и друг во Тетово – на кои беа донесени дијаметрално спротивни одлуки.

На собирот во Скопје од лидерската позиција е сменет Билал Касами, заради „политичкиот пад на партијата“ и е најавен конгрес на 21 февруари, а во Тетово е донесена одлука за свикување Конгрес, три дена подоцна, до кој со партијата и натаму ќе раководи актуелниот лидер.

Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами пак, синоќа пријавил во полиција дека не може да влезе во седиштето на партијата во Скопје. Тој известил дека три часа бил спречен да влезе во просториите на партијата од страна на членови на обезбедување, кои не ги познавал.


Раскол во Беса: Два централни одбора, две најави за конгрес, нејасно е кој ја води партијата


Скопје, 6 јануари, 2018 - 19:35 (META) 

Опозициската партија Беса е во длабок раскол по двата паралелни собири на највисокиот партиски орган, Централниот совет – еден во Скопје и друг во Тетово – на кои беа донесени дијаметрално спротивни одлуки. На собирот во Скопје од лидерската позиција е сменет Билал Касами, заради „политичкиот пад на партијата“ и е најавен конгрес на 21 февруари, а во Тетово е донесена одлука за свикување конгрес три дена подоцна до кој со партијата и натаму ќе раководи актуелниот лидер.

Паралелните собири следат откако  оставка на потпретседателската функција во партијата поднесе експратеникот Зеќирија Ибрахими.

На седницата на Централниот совет оддржана во Скопје, на која присуствувале 64 од вкупно 106 членови на овој највисок партиски орган, за привремен претседател на партијата е назначен најстариот партиски функционер,пратеникот Неџбедин Каремани. Од собирот во Скопје за 21 февруари е закажан и конгрес на партијата, на кој ќе треба да се избере новото раководство.
Во Тетово, присутните донеле одлука конгресот да се оддржи на 24 февруари, а дотогаш со партијата и натаму да раководи актуелниот претседател Билал Касами.

На парламентарните избори во декември 2016 година Беса освои пет пратенички места. Пред локалните избори, со најавите на своите градоначалнички кандидатури, Касами и Ибрахими поднесоа оставки на своите дотогашни пратенички функции.


Беса: Владата разочара во првите 100 дена, отсега нема простување


Скопје, 6 септември, 2017 - 18:26 (META) 

Новата Влада во првите 100 дена покажа дека продолжува да работи по стариот терк – на штета на граѓаните, а во интерес на сопствените политички цели. Ова е ставот кој денеска го соопшти партијата Беса по повод стоте дена од формирањето на Владата.

Од партијата велат дека оваа влада, како и претходната, продолжила да ги партизира институциите на државата и наместо форсирање на професионализмот, партијата на власт продолжила да биде биро за вработување во институциите.

Според Беса, со ребалансот на буџетот повторно не дошол до израз интересот на граѓаните, а со него особено биле оштетени регионите со мнозинско албанско население. Законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура, според Беса, е „резултат на намерата на вледејачките партии да профитираат политички, но не и навистина да го решат проблемот со албанскиот јазик во Македонија“.

Од партијата реагираат и дека парламентарното мнозиство и Владата го кршат Изборниот законик со негирање на правото на Беса да има свој член во Државната изборна комисија.

„Досега се трудевме да бидеме максимално конструктивни, особено сакавме да ги почитуваме првите 100 дена на Владата, меѓутоа отсега Движењето Беса нема да му прости во ниту еден момент на ова мнозинство за штетата што тоа ќе им ја нанесе на граѓаните, а особено за манипулацијата што ја прави со Албанците“, велат од Беса.


Беса: Да престане политизацијата на научно-образовните институции


Скопје, 11 август, 2017 - 14:39 (META) 

Движењето Беса денеска ги обвини владините партнери за политизација на научно-образовните институции, повикувајќи се на одлуката Институтот за духовно и културно наследство да го води кадар на Движењето за реформи на ДПА (ДР-ДПА).

Од Беса прашуваат ако на ваков начин се делат научно-образовните институции, на кој разгранок на СДСМ, ДУИ и на ДР-ДПА му паднала ждрепката да раководи со Македонската академија на науките и уметностите, со Универзитетот „Св. Кирил и Методи, со Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“, со Институтот за македонски јазик, со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, со Институтот за македонска книжевност и со Институтот за социолошки, правни и политички прашања.

„Движењето БЕСА ја осудува оваа екстремна политизација на научно-образовните институции, квалификувајќи ја како реприза на поранешните сцени во Македонија, а, за жал, дел од оваа игра сега е и ДР-ДПА, која до вчера ја обвинуваше ДУИ за политизација на научно-образовните институции. Ние сега се убедивме дека старата изрека „ако сакаш да го спознаеш вистинското лице на некој, дај му власт“, денес најдобро ја отсликува оваа партија, а и воопшто оваа влада“, стои во соопштението на Беса.


Мемеди: Имплементацијата на точките од декларацијата оди добро


Скопје, 19 јули, 2017 - 16:49 (META) 

Донесување на законот за албански јазик, имплементација на точките од декларацијата на Албанците, разговорите што Македонија ги има со Грција, најавениот договор за добрососедство со Бугарија, биле темите на кои денеска било разговарано на средбата на албанските политички партии во Собранието.

Иницијаторот на средбата за разгледување на точките од декларацијата помеѓу албанските партии, Весел Мемеди од НДП, денеска порача дека нема да дозволат во ниту еден момент некој да ги сатанизира средбите и договорот што го направија албанските партии.

– Потребата за донесување на законот за албанскиот јазик е усогласена. Паралелно сите овие работи ќе одат на Венецијанската комисија и ќе бидат на дневен ред во Собранието. Очекуваме Венецијанската комисија многу бргу да донесе правен совет за законот за албанскиот јазик – изјави Мемеди.

Тој оцени дека динамиката на имплементацијата на точките од Декларацијата на Албанците од страна на Владата оди добро и дека сите точки ќе бидат прифатени од Собранието.

Според него, решавањето на спорот за името со Грција треба да почне што поскоро за Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО и преговорите да течат паралелно. Тој информираше дека сите партии од албанскиот блок, го поддржале потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија.

Средбата помеѓу албанските партии повторно ја бојкотираше Движењето Беса.


Беса: Ќе бидеме дел од разговорите за нова влада


Скопје, 17 мај, 2017 - 16:16 (META) 

Движењето Беса останува посветено во процесот на решавање на кризата и ќе биде дел од разговорите за формирање на новата влада, велат од партијата по повод доделувањето на мандатот за составување нова влада.

„Денеска, кога господинот Иванов го даде мандатот за да почнат разговорите за формирање на новата влада, Движењето Беса констатира дека благодарение и на нејзината посветеност, конечно се создаде можност за решавање на кризата. Денеска дојде до израз волјата на новото мнозинство во Собранието на Република Македонија и политичкиот фактор почна да работи во интерес на граѓаните кои се преморени од оваа политичка криза“, стои во соопштението на партијата.

Од Беса нагласуваат дека тие како партија не дозволиле „да се измислат работи кои не се предвидени со Уставот и со законите на земјата“ и на тој начин спречиле да се создадат преседани кои можеа да остават последици во иднина.

„Затоа, како и досега, Движењето Беса останува посветено во процесот на решавање на кризата, водејќи разговори за да го преземе својот дел од политичката одговорност“, нагласуваат од Беса.


Гаши и Спасовски тврдат дека Беса нема да ги повлече потписите


Скопје, 1 април, 2017 - 10:39 (META) 

„Не сме донеле одлука дали ќе влеземе во влада. Разговаравме само за избор на претседател на Собранието. Ние не ги повлекуваме потписите, ќе го помогнеме процесот колку што можеме“, изјави пратеникот од Движењето Беса, Африм Гаши, во синоќешното гостување на „Топ тема“ на телевизија „Телма“.

Тој оваа изјава ја даде откако шефот на кабинетот на Ахмети, пратеникот Артан Груби, вчера изјави дека Движењето Беса ги повлекло потписите што му ги даде на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако одлучиле да не го поддржат предлогот претседател на Собранието да биде Талат Џафери.

Гаши додаде дека не го спречуваат процесот за избор на претседател на Собрание и дека тој може да се избере и без нив, туку само сакаат да укажат дека на ваков начин и со условувања, таквата влада нема да биде реформска.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, исто така во гостување на „24 Анализа“ на ТВ24 потврди дека Движењето Беса останува во новото парламентарно мнозинство.

ДУИ вчера имаше состанок на централното претседателство во седиштето на партијата во Мала Речица, каде што се разговараше за решение за излез од кризата и за можноста за оставка на министрите на ДУИ од владата.

– Расправавме за деблокирање на состојбата, односно да дадат оставка министрите од ДУИ, но за оваа работа постојат две толкувања. Односно, министрите од ДУИ може да дадат оставка, но нема каде да ги поднесат оставките. Второто толкување е дека тие ќе мора да дадат оставки, но ќе мора да ги извршуваат функциите сè до избор на нова влада – изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршување на седницата.


Беса го осуди „говорот на омраза и ксенофобијата во училиштата и во МАНУ“


Скопје, 16 март, 2017 - 15:20 (META) 

Движењето Беса денеска го осуди мешањето на политиката во основните и во средните училишта и принудувањето ученици да излезат на протестите што, како што стои во соопштението, ги организира македонската партија на власт, а на кои се слушаат „ксенофобични, расистички и извици кои поттикнуваат омраза кон Албанците“.

„Вчера беше објавена една видеоснимка, во која директорот на едно средно училиште во Прилеп јавно држеше говор на омраза против Албанците и албанскиот јазик и бараше од учениците да се мобилизираат и да учествуваат во протестите, кои се организираат под изговорот дека се за заштита на унитарниот карактер на државата и за заштита на македонскиот од албанскиот јазик. Движењето Беса најостро го осудува политизирањето на основните и на средните училишта и апелира до надлежните институции, како што се Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат, како и до другите институции, да преземат чекори и да го осудат ваквото однесување и притисоци врз учениците и вработените од страна на директорите на училиштата“, стои во соопштението од Беса.

Од партијата велат дека деновиве и академици од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) го засилиле говорот на омраза, кој повеќе им доликува на инквизитори и на антисемити отколку на луѓе од образованието, науката и од културата.

„Исто така, се надеваме дека и другите разумни интелектуалци и академици ќе се дистанцираат од говорот на омраза, кој денеска се слуша и од институцијата што треба да биде гнездо на знаењето и на највисоките интелектуални вредности, како што е МАНУ“, велат од Движењето Беса.