Министерот Хоџа и двајца заменици-министри поднесоа оставка, БЕСА веќе не е дел од владата

Извор: Влада на РСМ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со двајца заменици-министри, денеска објавија дека поднесуваат оставки од нивните функции во актуелната влада предводена од премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека доставената оставка е од морален чин, поради нарушување на демократските вредности во државата.

Хоџа додаде дека ја реализира изјавата за давање оставка, поради тоа што една владејачка партија, на чело со вицепремиер од нејзините редови, го загрозила демократското право на глас на локалните избори.

Во однос на ставот на нивниот пратеник Кастриот Реџепи да не присуствува на вчерашната собраниска седница за гласање доверба на Владата, Хоџа рече дека ќе остават тој самиот да се произнесе, но и дополни дека неговиот чекор не е во согласност со политиките на БЕСА.

Во однос на тоа дали БЕСА ќе дејствува како власт или опозиција во актуелниот парламент, Арјанит Хоџа рече оти за тоа одлуки ќе носи партијата, чекор по чекор. Сепак, неговите очекувања се спојување со Алијанса на Албанците и Алтернатива во еден блок, којшто би излегол заедно на изборите.