!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ДОМ на Централен одбор ја потврди поддршката за новата влада


Скопје, 28 мај, 2017 - 15:09 (META) 

ДОМ на денешната седница на Централниот одбор ја потврдила поддршката за формирање нова влада, за која велат дека ќе има сериозна задача за демократизација на земјата и за спроведување на реформите на Прибе во насока на професионализација на институциите.

„Истовремено, ќе треба да започне и процес на намалување на поделбите помеѓу граѓаните по разни основи и да зајакне граѓанската кохезија. Централниот одбор на ДОМ оцени дека сите политички субјекти треба да се однесуваат одговорно во оваа деликатна политичка ситуација и да придонесат за стабилизација на земјата“, велат од ДОМ.

ДОМ очекува новата Влада да обезбеди сериозен третман на сите области од живеењето, а посебно на темите за екологија, зелена економија, рамномерен регионален развој, човекови права и недискриминација.


Во пожар во Гватемала загинаа 19 малолетници, згрижени во дом за деца – жртви на насилство


Гватемала, 8 март, 2017 - 18:44 (META) 

Најмалку 19 малолетници загинаа во пожар во Гватемала во дом за деца кои се жртви на насилство, соопштија властите.

Домот се наоѓа во општината Сан Хозе Пинула, кој е оддалечен 25 километри југозападно од главниот град на Гватемала.

Во овој центар престојувале деца на возраст до 18 години. Засега нема информации за причините за пожарот.


Сè помалку се издаваат фискални сметки при купување алкохол и цигари


Скопје, 6 март, 2017 - 10:28 (META) 

Лани најретко се издавале фискални сметки за услуги за одржување на домот (17 проценти), услуги за поправки на домот (21 процент), изнајмување имот (30 процент) и за занаетчиски услуги (36 проценти).

Ова го покажуваат податоците од анкетата за даночната евазија во Република Македонија во 2016 година, направена од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП).

Во 2016 година, повеќе од половина од испитаниците (54 проценти) изјавиле дека не им била издадена фискална сметка за разни искористени услуги во последните три месеци, броени од моментот на анкетирање.

– Од друга страна, најчесто и најредовно (85 проценти) се издаваат фискални сметки за професионалните услуги (сметководство, психолог/психијатар, архитектура/дизајн) и за транспортни услуги (75 проценти) – покажуваат податоците на анкетата.

Во неа се додава дека ситуацијата во однос на 2104 година е непроменета во однос на издавање фискални сметки за козметички производи (17 проценти) и 11 проценти за храна и за прехранбени продукти.

– Но, даночната дисциплина бележи двојно влошување во категоријата алкохол и тутун, каде што дури на 20 проценти од испитаниците во 2016 година не им била издадена фискална сметка во последниот месец, споредено со 12 проценти од испитаниците во 2014 година. Алкохолот и тутунот се акцизни стоки за кои следуваат високи даноци, а тоа значи дека потенцијалното зголемување на даночната евазија во оваа сфера носи со себе ризик од помали даночни приходи во државната каса – се вели во анкетата.

Како препорака, во истражувањето се вели дека владата најпрво треба да размисли за менување на балансот помеѓу постојните казнени мерки (со прогресивни стапки на казнување) и второ, на балансот помеѓу казнените мерки и стимулациите.


Жители на Волковија протестираа поради загадувањето на селските извори


Тетово, 26 февруари, 2017 - 16:35 (META) 

Со мирен протест, жителите од тетовското село Волковија го искажаа своето незадоволство поради, како што рекоа, загадувањето на селските извори од кои се снабдуваат со вода за пиење.

Тие посочијa дека изворите се загадуваат поради градежни работи кои ги врши приватна фирма, ангажирана за изградба на воспитно-поправен дом, кој се гради во близина на изворите и во атарот на нивното село.

Според нив, фирмата врши нестручни ископи околу изворите за водоводниот систем на домот да се приклучи и да се снабдува со вода за пиење од селските извори.

– Деновиве почнаа да копаат околу изворите. Отворија пат и, како што гледате, тој пат се спушти до самите извори. Земјениот материјал од дупките кои ги ископаа, се спушта директно во изворите кои веќе се заматени, а и вреќи од цемент има тука. Ова од чист селски извор стана депонија – вели Русе Михајловски, жител на Волковија.

Жителите велат дека случајот го пријавиле во полиција и бараат негово целосно расветлување. Тие не се согласуваат водоводниот систем од воспитно-поправниот дом да се приклучи на селските извори, затоа што ќе се доведе во прашање снабдувањето со вода за пиење за селото.

Веќе неколку години мештаните од Волковија протестираат поради изградбата домот, кој, според нив, ќе доведе до појава на криминални дејства во нивното село, со оглед на тоа каква категорија на луѓе треба да престојуваат во оваа установа.

Домот сè уште се гради, а според најавите на надлежните, требаше да профункционира минатата година.


ДОМ: Градовите се задушуваат, а институциите се во изборна кампања


Скопје, 25 ноември, 2016 - 17:34 (META) 

ДОМ протестира што градовите се задушуваат од загадување на воздухот, а надлежните лица од институциите се растрчани во изборна кампања!

„Нема кој да донесе одлука и да даде налог за итни мерки, ниту доволно службеници кои тоа ќе го спроведат. Партизираните институции се неспособни да си ги извршуваат своите обврски и не е доволен напорот на професионални службеници кои се вложуваат целосно за да го надоместат отсуството на претпоставените и на своите отсутни колеги“, стои во соопштението на ДОМ.

Од партијата наведуваат дека се огорчени зашто безброј пати алармирале за итни мерки против загадување, посочувајќи конкретни решенија.

„Најголем дел од предлозите досега влегоа во стратешките државни и локални планови, но никако да се реализираат целосно и ефикасно. Зошто? Затоа што за претворање од хартија во акција се потребни конкретни финансиски средства, а нив никако да ги наменат за еколошки потреби и за здравјето на граѓаните! Нема критична бројка политичари со доволно висока еколошка свест за да ги сменат приоритетите, па средствата од некои непродуктивни проекти да ги пренаменат за спречување на загадувањето и во борбата со него“, велат од ДОМ.


Македонка пронајдена мртва во својот дом во Лондон


Лондон, 18 ноември, 2016 - 19:59 (META) 

Македонска државјка (36) со потекло од Велес била пронајдена мртва изминатиов вторник во нејзиниот стан во Лондон. Нејзината цимерка, исто така Македонка, им ја соопштила веста на нејзините родители во Велес. Таа не ја знаела причината за смртта. Кусо им кажала дека нивната ќерка е однесена на обдукција, од чии резултати ќе се утврди причината за смртта, објави „Дума“.

Станува збор за девојка која петнаесет години работела и живеела во Лондон. Таа често доаѓала во Велес. Последен пат неа ја видел нејзиниот татко, кој бил да ја посети во Лондон пред еден месец.

Денеска, пренесе порталот, Министерството за надворешни работи на Република Македонија немало информација за овој трагичен настан.

Оттаму соопштија дека оствариле контакт со Амбасадата на Република Македонија во Велика Британија и се очекуваат информации за трагедијата.


Поповска се откажа од добитното место на листите, ќе го добие друг член на ДОМ


Скопје, 7 ноември, 2016 - 14:20 (META) 

Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска, денеска на прес-конференција информираше дека се откажува од добитното пратеничко место на листата на СДСМ.

– Се откажувам од пратеничкото место, а за ова ќе го известиме и СДСМ. Ќе се борам со еднаква страст од друга позиција, која сега се смета за недобитна. Се имам откажано од повеќе функции досега. Никогаш не сум жалела за моите постапки, нема ни сега – рече Поповска.

Поповска кажа дека по состанокот на централниот и на извршниот одбор на партијата, ќе каже на коалициониот партнер СДСМ кој ќе стои на таа позиција.

Кандидатурата на Поповска наиде на жестоки реакции во јавноста по вчерашната одлука на СДСМ таа да добие добитна позиција на кандидатската листа во втората изборна единица.


Зелените партии од Југоисточна Европа презентираа Декларација за зелена економија


Скопје, 17 октомври, 2016 - 14:26 (META) 

Зелените партии на Македонија, Србија и на Бугарија одржаа меѓународна конференција на тема „Новинарите и креаторите на политиките ја подобруваат зелената економија“.

Во фокусот на настанот беше зелената, односно циркуларната економија.

– Зелената економија е еден нов аспект на економија, кој е еден чекор понатаму во еволутивниот развој на економијата. Тоа значи дека со користење минимални природни ресурси, се изведуваат економските процеси и на крајот со минимален негативен ефект во природата се затвора процесот. Исто така, важен е и социјалниот аспект. Тоа е економија наменета од и за луѓето – рече Маја Морачанин, портпаролка на ДОМ.

На конференцијата беше презентирана Декларацијата за издржлива иднина со зелена економија во Југоисточна Европа.

Во декларацијата, зелените партии од Македонија, Србија и од Бугарија бараат да се развие старата и да се имплементира нова легислатива за да се зајакне зелената економија, да се направат национални и регионални стратегии за промовирање на оваа економија.


43-годишен тетовец живее во дом кој во секој момент може да се урне


Тетово, 19 септември, 2016 - 14:37 (META) 

Куќата на 43-годишниот Бране Глигориевски од тетовската населба Певчина, во секој миг може да се урне. Неговиот дом е стар еден век, а врнежите изминатиот период ја нарушија стабилноста на куќата. Дел од покривот и надворешните ѕидови на објекот се паднати, па тој стравува за својата безбедност.

– Страшно е да се живее тука, кога врне и дува ветер цела куќа се тресе, па од страв излегувам надвор и во дворот ја преспивам ноќта – вели Глигориевски.

Бране вели дека и локалните и централните власти неколкупати му ветиле дека ќе интервенираат во санацијата на неговиот дом или изградба на ново пристојно живеалиште, но од ветеното нема ништо реализирано.

– Сега доаѓа зима, па големите врнежи се постојано закана за мојот живот, покривот на куќата може да се урне. Апелирам институциите да ми помогнат – вели Глигориевски.

Бране живее сам. Тој е без работа, а социјална помош не може да прима бидејќи на негово име се води дотраената куќа.


Масакр во дом за лица со посебни потреби во Јапонија


Сагамихара, 26 јули, 2016 - 9:40 (META) 

Деветнаесет лица се убиени, а 45 се повредени откако 26-годишен маж утринава упаднал во дом за немоќни и за лица со посебни потреби во јапонскиот град Сагамихара и почнал да напаѓа со нож.

Осумнаесет од повредените лица се во критична состојба.

Напаѓачот подоцна сам ѝ се предал на полицијата. Засега не се открива неговиот идентитет, но се соопштува дека самиот се предал и го признал нападот. Тој, исто така, рекол дека е поранешен вработен во домот и оти нема објаснување за мотивот за масакр.