„Разбистри сè“ реагира на изјавата на Морачанин, тврдат дека соработката со Петровска и ДИЖС била на високо ниво

Фото: Мета.мк

Алијансата „Разбистри сè“, во која членуваат 29 граѓански организации, денеска реагираше на образложението на претседателката на партијата ДОМ, Маја Морачанин околу причините за разрешувањето на директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска. Од Разбистри сè“, во соопштение до јавноста посочуваат дека Морачанин ги злоупотребува наодите на Алијансата за работата на Државниот инспекторат за животна средина и информираат дека соработка на Алијансата со ДИЖС и директорката Петровска секогаш била на високо ниво.

„Потенцираме дека во изминатиот период соработката со ДИЖС и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно и истата беше на високо ниво. Оттука, повикуваме да не бидат злоупотребувани наодите од нашата работа во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Истовремено, изразуваме жалење за одлуката на Владата да ја разреши директорката Ана Петровска, посочуваат од „Разбистри сè“.

Нивната реакција следува откако вчера Владата, на барање на ДОМ, ја разреши Петровска и на нејзино место го постави Сретен Стојковски. По бурните реакции во јавноста, претседателката на ДОМ Морачанин излезе со став дека Петровска не е разрешена заради внатрепартиските несогласувања, туку заради тоа што од нејзината и работата на ДИЖС имало многу поплаки од граѓанските организации и поединци.

Од „Разбистри сè“ информираат дека од декември лани во алијансата е вклучен и активно учествува и Државниот инспекторат за животна средина, а од јануари годинава е дел и од неформалното тело „Граѓански инспекциски совет“, кој беше формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив. Алијансата и ДИЖС во овој период ја создадоа и апликацијата за пријавување на загадувачи, со што пријавувањето на загадувачите стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање на база на загадувачи со Б-интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и локално ниво.

„За времетраење на кампањата, Алијансата излезе со повеќе извештаи и наоди за работата на институциите кои вршат надзор и контрола врз искористувањето на водата и минералните суровини, меѓу кои и за ДИЖС. Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска“, објаснуваат од „Разбистри се“.