Анкета на МЦМС: Повеќето граѓани би гласале за Договорот со Грција


Скопје, 8 август, 2018 - 10:32 (META) 

На референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, „За“ би гласале 41,5%, а „Против“ – 35,1%, односно разликата е 6,4 процентни поени. Ова го покажа испитувањето на јавното мислење кое за МЦМС го спроведе агенцијата М-проспект во периодот од 24 јули до 1 август.

Сепак, помалку Македонци би гласале „За“ (27,4%) отколку „Против“ (45,2%), додека кај етничките Албанци поддршката „За“ е убедлива (88% наспроти само 2,2% „Против“).

Повеќето млади би гласале „За“ (49,2%), а со возраста опаѓа поддршката (34,9%).

Слична е тенденцијата и во однос на образованието – поголема поддршка на Договорот со Грција даваат тие со повисоко образование.

Во однос на партиската припадност, очекувано големи мнозинства на симпатизерите на најголемите две партии се во линија со партискиот став (75% од тие на СДСМ се „За“, а 68% од приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ се „Против“), но поголемо отклонување има кај СДСМ (14,6% нивни симпатизери ќе гласаат „Против“, наспроти 4,7% од тие на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе гласаат „За“).

Дополнително, 20,6% од тие на ВМРО-ДПМНЕ изјавиле дека нема да излезат на гласање.

Анкетата е направена телефонски, на  повеќеслоен стратификуван примерок од 1.026 испитаници постари од 18 години, репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење.


Палмер: Опозицијата да размисли што нуди Договорот од Преспа


Скопје, 1 август, 2018 - 19:21 (META) 

Метју Палмер, в.д. заменик-помошник на Државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, по денешните средби со Христијан Мицкоски и со премиерот Зоран Заев, упати порака на опозицијата дека треба сериозно да размисли што нуди Договорот со Грција за Македонија. Тој се обрати и до македонскиот народ, дека треба да се искористи моментот за историски важна одлука.

-На опозицијата и порачав и ќе продолжам да ја пренесувам таа порака дека на оваа ситуација треба да ја гледа стратегиски, да ја стави Македонија на прво место, и да мисли за иднината на младите луѓе, и што како иднина нуди Договорот од Преспа како европска иднина на Македонија, што отвора како можности и да најдат начин како да ја поддржат оваа европска иднина, рече Палмер по средбата во Владата со Заев.

Тој претходно се сретна со Мицкоски и со претседателот Ѓорге Иванов. вечерва треба да одржи средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Американскиот дипломат го нарече референдумот за Договорот од Преспа историски момент за Македонија и порача оти се надева дека граѓаните ќе излезат на референдумот да го кажат својот став.

„Македонија веќе доби историска покана од страна на НАТО, а доби и јасен пат за пристапни преговори со ЕУ. Референдумот на 30 септември ќе биде важен датум. Се надеваме дека граѓаните ќе излезат да гласаат да го кажат својот став и дека ќе го направат тоа во атмосфера ослободена од дезинформации и обесхрабрување. Ова е навистина историски момент за Македонија и Договорот од Преспа ја отвора европската иднина за Македонија – рече Палмер.


Бушати: САД клучни за спроведувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција


Тирана, 31 јули, 2018 - 11:08 (META) 

Ангажманот на САД на Балканот е од клучно значење со цел да се обезбеди дека нема да има какви било назадувања во однос на напорите на Грција и на Република Македонија за нормализирање на односите кои ќе ѝ го отворат патот за членство во НАТО, вели албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати.

– Сега кога двете земји ја поминуваат последната милја кон нормализација, фокусот на САД на ова прашање е од исклучително значење. Особено ако се има предвид дека постојат трети страни кои не го поддржуваат договорот помеѓу Атина и Скопје – рекол Бушати во разговор со извршниот потпретседател на Атлантскиот совет, Дејмон Нилсон, пренесува МИА.


Хан: Излезете на референдум, се работи за вашата земја и вашата иднина


Брисел, 31 јули, 2018 - 9:19 (META) 

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на својот профил на „Твитер“ вчера ја поздрави одлуката на Собранието да го закаже референдумот за Договорот со Грција за 30 септември.

„Ја поздравувам одлуката да се одржи референдум на 30 септември за историскиот договор. ЕУ го поддржува овој договор и неговата имплементација како симбол на помирување и добрососедски односи во регионот. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да го искористат своето демократско право на глас. Се работи за нивната земја и нивната иднина“, порача Хан.

 

 

 


Професори од Оксфорд, Сорбона, Колумбија… со поддршка за Преспанската спогодба


Скопје, 23 јули, 2018 - 15:04 (META) 

Повеќе од 40 универзитетски професори, интелектуалци, филозофи и студенти ја изразија својата поддршка за Преспанската спогодба на Македонија и Грција за решавање на спорот за името, оценувајќи го како пробој и најдобро решение за решавање на 27-годишниот спор на двете земји.

Во писмо до британскиот весник „Гардијан“, потписниците кои се од некои од највидните светски универзитети, како Оксфорд, Сорбона, Лондон, Болоња, Колумбија, Рим, Варшава, Кембриџ, Берлин, порачуваат дека Договорот ги дефинира политичките, историските и културните граници меѓу класичната Грчка Македонија и, како што велат, Северна Македонија, појаснувајќи дека македонскиот идентитет може да биде споделен меѓу народи кои ќе му придадат разични значења.

„Тој го почитува достоинството и правото на самоопределување на два народа и ја потврдува желбата на двете земји за мирно коегзистирање“, стои во  писмото.

Потписниците посочуваат дека двете страни морале да се потрудат околу причините за загриженоста на другата страна и да направат отстапки и таа да има придобивка.

„За Грција, тоа е географската одредница во сложеното ново име (Северна Македонија), нејзината примена дома и во меѓународни рамки, како и барањето Уставот на ПЈРМ да биде сменет за да соодветствува. За Северна Македонија, тоа е прифаќањето на постоење македонски јазик како дел од словенското семејство на јазици (факт што долго време го прифаќаат ОН и Грција), определувањето на националноста како „Македонско/граѓани на Северна Македонија“ и, најбитно, ветувањето за почеток на пристапни преговори со НАТО и ЕУ. Кога ќе биде финиширан, овој правно обврзувачки меѓународен договор ќе ги разреши прашањата на оспорениот политички идентитет, што е распространет во мултикултирните општества, и ќе понуди модел за решавање на други долготрајни спорови во иднина“, се вели во писмото до Гардијан.

Потписниците, коишто ги наведуваме подолу, велат дека Договорот сè уште се соочува со многу пречки во двете земји, „каде острите противници и екстремистите се мобилизираат против него“.„Во овие критични времиња, кога Европа е соочена со порастот на екстремно десничарскиот национализам и расизам, а на Балканот и во Европа повторно се појавува опасниот ревизионизам кој ги дели луѓето на „предавници“ и „патриоти“, сега повеќе од кога било претходно е да се поддржат оние што презедоа ризици за да донесат помирување. Го поддржуваме овој праведен договор и ги повикуваме сите страни да го исполнат својот дел од спогодбата“, се вели во писмото потпишано од повеќе од 40 професори, интелектуалци, европратеници, филозофи, студенти.

Писмото е потпишано од:
Kalypso Nicolaïdes University of Oxford
Etiennne Balibar Université deParis-Ouste
Toni Negri, филозоф, Paris
Mary Kaldor University of London
Costas Douzinas Birkbeck, University of London
Judith Butler University of California, Berkeley
Jean Luc Nancy, филозоф, Strasbourg
Barbara Spinelli, пратеник во Европскиот парламент
Wendy Brown University of California, Berkeley
Joanna Bourke Birkbeck, University of London
Luciana Castellina, Rome
Frieder Otto Wolf, Freie Universität Berlin
Catherine Malabou, Kingston University
Claude Calame, EHESS, Paris
Bo Stråth, University of Helsinki
Susan Buck-Morss, City University of New York
Sandro Mezzadra, University of Bologna
Patrice Maniglier, Université Paris Nanterre
Elsa Stamatopoulou, Columbia University
Niccolo Milanese, European Alternatives
Giacomo Marramao, Roma Tre University in Rome
Edouard Delruelle, Université de Liège
Peter Schöttler, Freie Universität Berlin
Ulrike Guérot, Danube University Krems, Austria
Ahmet Insel, Université Paris 1 Panthéon-Sorbonne
Philippe Büttgen, Université Paris 1 Panthéon-Sorbonne
Yves Sintomer, Université Paris 8 Vincennes Saint-Denis, CSU-Cresppa
Emily Apter, New York University
Oscar Guardiola-Rivera, Birkbeck, University of London
Albena Azmanova, University of Kent
Louis Wolcher, University of Washington
Jean-Numa Ducange, University of Rouen
Michal Kozlowski, University of Warsaw
José Luis Villacañas, Universidad Complutense de Madrid
Gilles Manceron, историчар, Paris
Diogo Sardinia, Paris University
Bertrand Ogilvie, Université Paris 8 Vincennes Saint-Denis
Yves Sintomer, Université Paris 8 Vincennes Saint-Denis
Franck Fischbach, Univesite de Strasbourg
Teresa Pullano, University of Basel
Matthieu de Nanteuil, University of Louvain
Pietro de Matteis, University of Cambridge
Guillaume Sibertin-Blanc, Université Paris 8 Saint-Denis
Stefan Jonsson, Linköping University
Manuela Bojadzijev, University of Berlin
Rada Ivekovic, College International de Philosophie, Paris


Коѕиас: Граѓаните на соседната земја имаат право да се нарекуваат Македонци


Атина, 23 јули, 2018 - 9:45 (META) 

Не можеме да го смениме универзалното право, соседите да се нарекуваат Македонци, на индивидуално и неофицијално ниво, но ние можеме да ги нарекуваме како сакаме, порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека „вон институционалниот систем и вон јавниот простор, не можеш на луѓето да им наметнеш како ќе се самоопределуваат“.

– Еден жител на Скопје и вели на неговата девојка дека е Македонец. Што ќе правиме? Ќе создадеме метафизичка држава што ќе го става во затвор? Она што го кажавме е дека граѓаните на оваа земја имаат право да се самоопределуваат како сакаат. Тоа е универзално право што не можеме да го смениме. Но, во исто време, ние можеме да ги викаме како сакаме – вели Коѕиас, објаснувајќи дека кога говориме за индивидуално ниво, „само тоталитарна држава и држава со владетел, може да контролира како некој ќе се нарекува неофицијално“ и додава дека на официјално ниво за државните институции ќе се користи името Северна Македонија.

Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија, вели дека „условите беа зрели, а кога условите се зрели значи дека она што можеш да го направиш, треба да го направиш“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕиас, во интервјуто неколку пати споменува дека станува збор за компромис, за отстапки од двете страни, бидејќи „Грција не го освоила северниот сосед за да му ги наметне нејзините позиции“.

Прашан за трговските производи и од двете земји што ја носат придавката „македонско/и“, министерот за надворешни работи на Грција вели дека ќе биде потребен временски период за да се реши ова прашање.

– Постојат производи во Грција што со право се нарекуваат македонски производи и производи од ПЈРМ кои и таму се викаат македонски. Постојат 3.500 компании од двете страни, толку регистрираше Универзитетот во Солун, кои го имаат натписот „македонско“. Затоа рековме дека ќе формираме комисија под покровителство на Европската унија и ОН – објаснува шефот на грчката дипломатија за АНА-МПА.


Захарова: Заев без никакви докази шири антируска хистерија додека Западот се меша во Македонија


Москва, 19 јули, 2018 - 11:02 (META) 

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи на брифингот со новинарите вчеравечер во Москва порача дека обвинувањата од македонскиот премиер Зоран Заев, кои тој ги искажа во интервју за „БазФид њуз“, а потоа и на почетокот на изградбата на фабриката на американската фабрика „Дура“, обвини дека „грчки бизнисмени” кои „се сочувствителни на руската кауза“ им платиле на Македонци суми во износ од 13.000 до 21.000 долари за „извршување акти на насилство”, се неосновани, антируски и обид на Заев да води внатрешно-политичка борба со други алатки, во време кога Западот отворено се меша во внатрешните работи на Македонија.

– Предизвикуваат вчудовидување изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дека некои бизнисмени што се симпатизери на Русија наводно го финансираат антивладиното протестно движење во Македонија против Преспанската спогодба постигната со Грција за преименување во „Република Северна Македонија“. Станува збор за уште едни неосновани обвинувања на адреса на Москва, коишто се во правецот на засилување на антируската хистерија. Очигледно дека нема да видиме никакви докази што би можеле да ги потврдат зборовите на Зоран Заев, оти да беше така, веќе ќе ни беа презентирани. Во меѓувреме, западните земји отворено се мешаат во внатрешните работи на Македонија и, како што гледаме, тоа од нивна гледна точка, е нормално – рече Захарова.

Според портпаролката на руското МНР, играјќи со „антируска карта“ Заев ги заплашува сопствените граѓани, во време кога Русија се залага единствено за взаемно прифатливо решение на спорот за името на Македонија со Грција, но без наметнати рокови.

– Наместо да ги почитува нормите на македонското законодавство и меѓународното право, владејачката коалиција во Скопје рутински игра со „антируската карта“ како метода за внатрешно политичка борба и, за жал, заплашување на сопствените граѓани. Руската Федерација секогаш беше определена за постигнување на взаемно прифатлива спогодба на Скопје и Атина за име на земјата без надворешни притисоци и наметнати вештачки рокови, спогодба што би ја рефлектирало волјата на народите на двете држави и би се темелела на широк општествен консензус и неоспорна уставна и правна основа. Но до тоа не дојде – порача Марија Захарова.

Според неа, со спогодбата на двете влади се создадени поделби во двете општества и таа не ги зацврстува мирот и безбедноста на Балканот, туку е само пат за втурнување на Македонија во НАТО.

Преспанската спогодба доведе до длабоки расцепи во општествата во Грција и во Република Македонија. Очигледно е дека таа спогодба е далеку од темелните интереси за зацврстување на мирот и безбедноста на Балканот и служи исклучително како алатка за побрзо внесување на Република Македонија во НАТО – порача портпаролката на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.


Руска амбасада: Заев и Шекеринска шират русофобија, очекуваме истрага за изјавите


Скопје, 17 јули, 2018 - 9:51 (META) 

Руската амбасада вчеравечер реагираше со соопштение за наводите од премиерот Зоран Заев дека бизнисмени од Русија финансирале антивладини протести. Заев тоа го кажа во интервју за „BuzzFeed News“ и потоа го повтори како одговор на новинарско прашање на почетокот на изградбата на фабриката на американската „Дура“ во Бунарџик.

Од амбасадата сметаат дека станува збор за паушални изјави, слични на тие на министерката за одбрана Радмила Шекеринска од неодамна, стои во соопштението.

„Сметаме дека ваквите паушални изјави, како и неодамнешните наводи од страна на министерот за одбрана, Радмила Шекеринска, имаат за цел ширење на русофобијата, која што преку западните партнери на Македонија сè почесто се прифаќа како алатка за постигнување сопствени внатрешни и надворешно политички цели. Во тој контекст се доведува во прашање искреноста на заложбите на Владата на Република Македонија за градење пријателски односи со Руската Федерација“, се вели во соопштението.

Дополнително, се повикува на истрага за наводите на владата.

„Очекуваме дека македонската страна, во рамките на правното поле на својата држава и меѓународната практика, ќе спроведе детална и објективна истрага на наводите на кои алудираат посочените членови на Владата на Република Македонија, и ќе ѝ презентира на јавноста, како и на руската страна, реални факти, а не конструкции“, се вели во соопштението.

Од амбасадата на Руската Федерација велат дека станува збор за „контрапродуктивни и неодговорни обиди“ за заплашување на граѓаните „со измислена руска закана“.


Руска амбасада: Изјавата на Заев е политички неодговорна и русофобна алатка


Скопје, 16 јули, 2018 - 17:19 (META) 

Руската амбасада во Скопје порача дека денешната изјава на премиерот Зоран Заев за „комити“ потплатени од руски бизнисмени да протестираат против договорот со Грција и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ, е политички неодоговорна и русофобна.

Заев прашан за своите тврдења дека руски бизнисмени ги потпалувале протестите во Македонија, посочи на добиените извештаи од разговорите во полицијата со дел од демонстрантите.

– Зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добиваме. Знаете, тие млади момчиња „комити“ кога нападнаа полицајци беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично – рече Заев.

Амбасадата на Руската Федерација преку својот Твитер-профил порача дека денешната изјава на македонскиот премиер ја става под прашалник искреноста на заложбите на македонската влада за градење добри односи со Русија, како и дека русофобијата е се повеќе алатка во надворешната, но и во внатрешната политика на Македонија.

 

 


Костадинов: Договорот е патриотски чин, Иванов е должен да потпише


Скопје, 5 јули, 2018 - 14:00 (META) 

Пратеникот од СДСМ и коалицијата, Костадин Костадинов, на прес-конференција во Собранието, откако пратениците вторпат го ратификуваа Договорот со Грција, порача дека станува збор за патриотски чин и договор што го обезбедува и зајакнува македонскиот идентитет, носи членство на Македонија во ЕУ и НАТО и ја обезбедува македонската иднина.

Тој рече дека претседателот Ѓорге Иванов е должен да го потпише, бидејќи и вторпат мнозинството пратеници гласаа „за“.

– Македонски народ, македонско оро, Македонец, Македонка…   се обезбедени еднаш засекогаш. Конечно ќе станеме дел од европските и светски демократии, кои гарантираат напредок, просперитет, стабилност и безбедност. Бидејќи Законот за ратификација на овој Договор Собранието денеска го изгласа по втор пат со големо мнозинство, Ѓорге Иванов е должен, повторувам, е должен да го потпише  – порача Костадинов.

Пратеникот нагласи дека ако постапи спротивно, претседателот на државата ќе направи кривично дело и ќе излезе надвор од неговите надлежности, а директно ќе се вмеша во законодавната власт, односно, Собранието.