Владата ги подготви уставните измени и ги испрати во Собранието

-

На вчерашната 92-седница, Владата ја донела одлуката за уставните измени, односно во Собранието да ги достави измените за кои ќе бара поддршка. Тоа се случува во период кога уште не е дефинирано дека е подготвен теренот за менување на Уставот, оти за тоа е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, односно 80 пратеници.

„Владата на РМ го утврди текстот усогласен согласно укажувањата изнесени во расправата на седницата на Владата и врз основа на член 130 од Уставот на Република Македонија и членовите 193 и 194 од Деловникот на Собранието на Република Македонија заклучи да го достави до Собранието на Република Македонија, со предлог да го разгледа Собранието и да донесе одлука за пристапување кон измени на Уставот на Република Македонија“, порачаа од Владата.

Упатија апел до сите пратеници, без разлика на политичката и националната припадност да гласаат за измените, како пат на Македонија кон стабилност, безбедност и економски просперитет.

„Од пратениците во Собранието на Република Македонија се очекува одлука во таа насока и како израз на почитување на волјата на граѓаните коишто гласаа на референдумот, како и на волјата на околу 80% од граѓаните кои континуирано се изјаснуваат дека го одобруваат членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.  Од денеска остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник одделно и таа зависи од нив. Тие треба да донесат одлука со која ќе ја направат Република Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин“, порачаа од Владата.

Во предлогот, инаку, е дефинирана содржината на измените, од кои првата е додаваање на придавката „Северна“ на Македонија во целиот текст на Уставот.

Потоа се бара измена на преамбулата, според Договорот од Преспа, односно при наведувањето на традицијата, ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ со неговите одлуки.

Следна од измените, според Владиниот предлог објавен на владината веб-страница, е неповредливоста на границите. Со нов амандман ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

Ќе се додаде и амандман, како дополнување на 2-от амандман на Уставот од 1992 година, а новината е што ќе „се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина“.

Контраспин: Укинувањето на балансерот никако не може да биде тежок удар врз Уставот

Правната одлука за т.н. балансер, во насока на усогласеност на правните акти на државата со Уставот, може да биде само поттик на принципот на еднаквост во мултиетничко општество, бидејќи...