Претседателот на БККС обвинува: Власта ги заплашува Бугарите во Македонија


Софија, 7 декември, 2014 - 16:01 (META) 

Бугарите во Македонија не се слободни граѓанин, тврди претседателот на Бугарски културен клуб – Скопје, Лазар Младенов, во интервју за бугарскиот весник „Труд“.

– Гонењето е придружна компонента на бугарштината. Не може да си Бугарин од Македонија и да си слободен граѓанин – вели Младенов.

Претседателот на БККС, во интервјуто открива дека постојано добива закани по животот.

– Заканите се дел од нашиот живот, почнувајќи од оние за ликвидација по атентатот врз Глигоров, до оние пред неколку дена, дека ме чека затвор – вели Младенов, додавајќи дека нивните активисти, вклучувајќи ја и неговата сопруга, добиле отказ затоа што се чувствуваат како Бугари.

Младенов открива дека за целата ситуација е информиран и известувачот на ЕУ за Македонија, Ричард Ховит, кому ми доставиле обемен извештај за сите регистрирани случаи на малтерирање Бугари во Македонија. Сепак, според претседателот на БККС, голем дел од случаите не се пријавени бидејќи луѓето се плашат од власта.


Европратеник од Бугарија ја обвини македонската полиција за тортура врз Бугарите


Стразбур, 27 ноември, 2014 - 15:53 (META) 

Eвропратеникот од Бугарија, Ангел Џамбаски, испрати писмо до Европската комисија во врска со испрашувањата бугарски граѓани од службите за безбедност на Република Македонија.

Имено, според Џамбаски, на 25 ноември 2014 година, претседателот на Бугарскиот културен клуб од Скопје реагирал поради повреда на правата на граѓаните во Струмица и во Кочани, нанесени од полицијата во Македонија.

Од македонското Министерство за внатрешни работи, запрашани за коментар за ова, за новинската агенција „Мета“ велат дека тие „работат во согласност со позитивните законски прописи и постапуваат еднакво со сите граѓани“.

Како што тврди Џамбаски, а пренесува бугарската онлајн-мрежа „Крос“, тие биле испрашувани за дејноста на Бугарскиот културен клуб и за нивните врски со бугарските европратеници.

Оваа акција на македонската полиција може да се одрази и врз текот на годинешните преговори на мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и на Македонија, кој во Стразбур се одржува вчера и денеска. Европратеникот Џамбаски, член на бугарската ВМРО, е дел од оваа делегација.

Во текот на разговорите, европратеникот побарал да се упатат сериозни критики на делегацијата од Скопје и во однос на ова прашање.

Претседателот на Бугарскиот клуб во Скопје, Лазар Младенов, тврди дека нивни активисти биле повикани на таканаречени „пријателски разговори“ во службите за безбедност. Луѓето биле сослушани, главно, за тоа кој влегува во нивните канцеларии во Струмица и дали имаат намера да отворат и други канцеларии. Првиот „разговор“ бил во Струмица, во канцелариите на безбедносните служби, додека во Кочани едно лице било повикано во ресторан, за да се прикаже дека станува збор за неформална средба.

Инаку, македонската делегација ја сочинуваат претседателот на комитетот Кенан Хасипи, а членови се пратениците Артан Груби, Антонио Милошоски, Силвана Бонева, Владимир Ѓорчев и Беким Фазли.