Бугарски ТВ водител помеша баби и жаби и направи „македонска салата“

-

Во текст објавен на веб-страницата на бугарскиот весник „24 Часа“, Росен Петров, поранешен пратеник, сценарист, а сегашен водител на емисија за историјата на бугарската онлајн-телевизија „Bulgaria On Air“, искажа невистина во поглед на болната тема меѓу Бугарија и Македонија – историјата.

Во колумната насловена „Макрон и Македонците – бугарска работа“, пишувајќи во хумористичен тон на темата реакциите по одбивањето на Франција, односно нејзиниот претседател Емануел Макрон, да дозволи определување датум за старт на преговорите за влез на Македонија во ЕУ, Петров шовинистички обвини дека „Македонците ја крадат бугарската историја“, како и дека македонските историчари (мисли на членовите на Заедничката бугарско- македонска комисија за историски прашања) и политичката елита покажуваат„невообичаено, дрско и примитивно однесување“.

Не коментирајќи го неговото „објаснување“ дека Македонците биле Бугари поради тоа што си прават лошо еден на друг, а што било бугарска одлика, ваквите груби напади од Петров ќе ги спротивставиме на фактите.

Тезата на Петров е стара многу децении, а ја споделувале и ја споделуваат голем дел од бугарските политичари, научници и јавни личности. Таа вели дека Македонците биле и се Бугари, a нивното „двоење“ е производ на некои фактори кои се непријателски кон Бугарија.

Но историските сознанија и историографијата не даваат поддршка на ваквата исклучива теза. Од многуте изданија досега од македонски но и од странски дипломати, да ја споменеме само книгата „Македонскиот јазол“ на Ханс Лотар Штепан, првиот германски амбасадор во самостојна Македонија, кои зборуваат за сосема јасно декларирање на населението и некои видни личности од Македонија во 19 и 20 век.

Но и многу негови претходници, дипломати од Германија, Русија, Австро-Унгарија во 19. и 20. век, во своите извештаи зборуваат за самоопределување како Македонци.

Овде ќе го цитираме само рускиот славист и македонист (инаку роден Бугарин) Петар Драганов, кој во 1900 година порачува:

„Дали Русите треба да се радуваат или да жалат во врска со тоа што во Македонија го издигнува својот глас тамошното старосе­делско на­селе­ние што си се нарекува себеси со старинското име Македонци? Спо­ред на­шето лично мислење праведно би било барем морално да се поддржи ова многубројно племе што зборува на по­себ­но словенско наречје и си има своја ста­ра историја, не помалку интересна од историјата на Бугарите и на Ср­бите…“

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...