Нова едиција на „Бајки од Македонија“ која содржи уште 48 нови приказни


Скопје, 18 мај, 2018 - 14:38 (META) 

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“ најавија нова едиција на „Бајки од Македонија“.

Книгата „Бајки од Македонија за цела година” содржи 52 бајки од народното творештво, во прилагодена јазична форма и со модерни илустрации. Проектот треба да ги приближи новите генерации кон културното наследство од овој простор.

Во новата едиција „Бајки од Македонија за цела година“, покрај четирите веќе промовирани бајки од Македонија, ќе се најдат уште 48 нови приказни меѓу кои: „Силјан штркот“, „Цане и ламјата“, „Змејот од Пелистер“, „Принцезата војник“, „Принцезата Ѕвезда и лошата царица“, „Тројцата царски синови и трите јаболкници“ итн.

Бајките се избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски.

„Поврзувајќи го традиционалното богатство во нова естетика и соодветна форма, од заборавените приказни и бајки веќе направивме препознатлив производ – „Бајки од Македонија“. Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Досегашниот успех не поттикнува да продолжиме понатаму со проектите од јавен интерес“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управинот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

„Бајки од Македонија за цела година” ќе биде промовирана кон крајот на годината. Едицијата „Бајки од Македонија“ е преведена на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.


Агатангел: Синодот не беше едногласен за писмото до БПЦ, јас се спротивставив


Велес, 21 ноември, 2017 - 15:21 (META) 

Владиката Агатангел, кој е на чело на Повардарската епархија, денеска преку соопштение изрази несогласување со писмото на Синодот на МПЦ-ОА упатено до Синодот на Бугарската православна црква, со кое се бара БПЦ да се прогласи за мајка црква на МПЦ.

Тој вели дека се спротивставил во Синодот на таквиот потег, односно дека тезата за мајка црква „има цел да го затне изворот и да го затрупа бунарот од кој нашиот народ се напива веќе два милениуми“ и ги прашува своите колеги како може да се нарекуваат духовни водачи ако го разнебитуваат народот.

„Денес може некој ќе успее да го покрие македонското национално чувство, но сигурен сум дека нема да може да ја избрише библиската и свештената историја на македонскиот народ. Македонците го примиле христијанството уште од апостолско време и за ова имаме бројни примери во Новиот завет на Светото писмо, па затоа е апсурдно да се тврди дека некој ќе нè роди во иднина. Нашите великодостојници и интелектуалци кои ја промовираат оваа теза пред петнаесетина години на истиот начин и со истите методи го бранеа Нишкиот договор. Не можеш да бидеш духовен и национален водач ако го повредуваш, понижуваш и го разнебитуваш народот, тогаш го промашуваш основниот принцип на духовноста“, се вели во соопштението од владиката Агатангел, објавено на веб-страницата на Повардадската епархија.

Тој писмото до БПЦ го гледа како продолжение на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и смета дека со двете постапки Македонија си наметнува улога на поразен во војна.


Хелсиншки комитет посочува на непрочистен избирачки список и спреченост да се гласа


Скопје, 17 октомври, 2017 - 13:47 (META) 

Пријави за фантомски гласачи и за гласачи избришани од избирачкиот список, оневозможеност на слепи лица да гласаат на посебно гласачко ливче, како и неможност на вработен во јавно претпријатие да гласа зашто целиот ден бил ангажиран на работа, се работите што Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги одбележал во текот на првиот круг од локалните избори.

На две слепи лица или лица со оштетен вид им било оневозможено да гласаат според новото упатство за гласање на слепи лица и на лица со оштетен вид, донесено на 28 септември 2017 година, а според кое слепите лица и лицата со оштетен вид може да гласаат преку шаблон на Браева азбука, на кој се отпечатени податоците од избирачкото ливче. Лицата пријавиле во 8 часот утрото, а според тоа што Хелсиншки комитет го дознал подоцна, шаблоните биле донесени во 8.30 часот.

За пријавата од лице вработено во јавно претпријатие дека не може да го оствари своето избирачко право бидејќи било на работа во текот на целиот изборен ден, Комитетот пријавил во Министерството за труд и социјална политика, од каде подоцна добил информација дека се интервенирало и на лицето му било овозможено да гласа.

Во канцеларијата на Комитетот се обратиле граѓани кои пријавиле дека во избирачкиот список сè уште постојат непостоечки гласачи на нивните адреси, како и случаи за бришење од евиденцијата на гласачи во избирачкиот список без образложение.

„Со ваквите пријави се добива впечаток дека повторно, и овие избори се одржаа во услови на непрочистен избирачки список. Хелсиншкиот комитет упатува препорака за поголема соработка и координација помеѓу Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија во насока на наоѓање ефективен механизам за прочистување на избирачкиот список и на подготвување упатство за постапката за бришење на непостоечките гласачи од избирачкиот список, кој ќе биде достапен за сите граѓани“, се вели во соопштението.

Од Комитетот уверуваат дека личните податоци на лицата што пријавиле се чуваат во апсолутна тајност и дека нема да бидат објавувани без претходна дозвола од пријавувачите.