!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата цел ден си реплицираа и си контрареплицираа


Скопје, 26 април, 2017 - 19:09 (META) 

Денешното 19. продолжение на конститутивната седница на Собранието, како и претходните, помина со реплики и со контрареплики на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните коалициски партнери 0д Социјалистичка партија и од ГРОМ.

Тие ги предупредија пратениците од СДСМ дека не смеат да молчат, туку да се вклучат во дискусијата, порачувајќи притоа дека СДСМ е „уценета партија поради амбициите на нејзиниот лидер Зоран Заев за да дојде на власт по секоја цена“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, изрази сомневање во „менталниот и интелектуалниот склоп на некои пратеници кои не сакале да признаат пораз“.

Од независните и од пратениците на СДСМ, никој не се вклучи во дискусијата, додека од пратениците Албанци зборуваа Зијадин Села, Ѓулсем Касапи и Весел Мемеди, кои исто така добија контрареплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Конститутивната седница ќе продолжи утре во 11 часот.


ВМРО-ДМПНЕ: СДСМ не може да ги плаќа своите долгови со националните и со државните интереси


Скопје, 23 април, 2017 - 10:19 (META) 

„Ако СДС некому нешто должи, нека се раздолжи со парите на криминогеното раководство на СДС. Не може своите долгови СДС да ги плаќа со националните и ос државните интереси на Македонија“, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштението насочено кон политичкиот противник, Социјалдемократски сојуз на Македонија.

„Народот на 11 декември не гласаше за бинационална држава. Народот не гласаше за двојазичност, за менување химна, за менување знаме и име.Криминогениот СДС и аболираниот криминалец Зоран Заев нека не се надеваат дека нарко-мафијашите и луѓето што го негираат македонскиот идентитет ќе ги донесат на власт. Граѓаните јасно кажуваат дека не сакаат туѓи платформи од странски држави. Граѓаните не ја сакаат тиранската платформа, која СДС сака да ја протурка и да формира влада по секоја цена. Криминалците од СДС не можат да го излажат народот за да се спасат од затвор. Народот ги прочита и им порачува секој ден на улиците дека ќе одговараат пред правдата. Не може со некоја неуставна платформа да се спасат“, се вели во соопштението.


Тирана нема никаква врска со платформата на Албанците во Македонија, вели Рама


Тирана, 11 април, 2017 - 9:43 (META) 

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека не постои тиранска платформа и дека официјална Тирана нема никаква врска со „платформа на Албанците од Македонија“.

– Нема никаква платформа од Тирана, туку платформа на албанските партии на кои ние им помогнавме. Ние имавме одделни средби со лидерите на албанските партии и зедовме прибелешки за сè што кажаа. Тие се обединија во едно парче хартија – изјави Рама во интервју за една албанска телевизија.

Тој истакнува дека неточни се тврдењата кои ги изнесуваат претседателот Ѓорге Иванов и ВМРО-ДПМНЕ и нагласува дека за време на изборната кампања во Македонија немал средби со ниту еден лидер на албанска партија од Македонија.
Рама е дециден дека Албанците во Македонија „не се бегалци, туку интегрален дел на една држава со два ентитета“.


ВМРО-ДПМНЕ: Излезот се нови избори и изјаснување на народот за тиранската платформа


Скопје, 9 април, 2017 - 10:03 (META) 

Излезот од ваквата ситуација во која криминогениот СДСМ ја доведе државата е еден. Нови парламентарни избори! Само така граѓаните јасно и недвосмислено ќе може да се изјаснат околу тиранската платформа. Само така граѓаните на Република Македонија нема да се чувствуваат измамено, порача ВМРО-ДПМНЕ во своето редовно утринско соопштение.

Партијата со многу остар тон, својот политички противник го става во редот на криминалот.

„Албанските партии потврдија дека има платформа, а криминалецот Заев има обврска да ја реализира. Криминалецот Заев е уценет. За да не оди во затвор мора да испорача се што ќе се побара од него. Криминалецот Заев мора да го смени законот за јазици и да го официјализира албанскиот на цела територија, што ќе претставува вовед во редефинирање на Македонија во бинационална држава. Криминалецот Заев мора да ги смени банкнотите, униформите и да ги осуди борците од НОБ за геноцид. Криминалецот Заев мора да отвори дебата за промена на знамето, химната и грбот. Криминалецот Заев мора да ги отпочне процесите на кантонизација и федерализација како вовед во промена на името на државата“, стои во сооппштението од ВМРО-ДПМНЕ.


Ѓорчев: СДСМ не може да ги спречи пријавените пратеници да дискутираат


Скопје, 8 април, 2017 - 16:13 (META) 

СДСМ не може врз ниту една основа да им го одземе правото на преостанатите 45 пратеници во Собранието на Македонија да говорат по точката од дневен ред, само затоа што на СДСМ не им се допаѓаат нивните дискусии, порача денеска на партиска прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Тој обвини дека СДСМ сака да го прекрши деловникот.

– Обидот на СДСМ кој го прекрши деловникот на Собранието е да се замолчи и да се прескокне дебатата за тиранската платформа. СДСМ сака по секоја цена да ги замолчи пратениците да не може да говорат за штетните последици од тиранската платформа која ја има прифатено и која има цел темелно и долгорочно да ја редефинира државата. Затоа СДСМ спротивно на одредбите на деловникот и спротивно на собранинската практика сака да ја прекине дебатата и претресот што се одвива во моментот се одвива во Собранието на Република Македонија. Во согласност со член 80, став 2 на деловникот, јасно е дека претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор. И ова не може да биде прекршено под ниту еден услов ниту поради политичката желба на една партија, еден пратеник или една група – рече Ѓорчев.

Тој рече дека СДСМ нема основа да ги спречи останатите 45 пратеници да говорат.


Данев: СДСМ не успеа да направи пуч и да ги замолчи пратениците


Скопје, 7 април, 2017 - 16:24 (META) 

СДСМ вчера не успеа да изврши пуч во Собранието и со прекршување на Уставот на Република Македонија и на деловникот за работа на Собранието, да го одземе најсветото право на пратениците, а тоа е правото на говор и на дискусија, порача на партиска прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ пратеникот Драган Данев.

Тој обвини дека неговите колеги од СДСМ сакале да ја спречат дискусијата само за да ја туркаат агендата од тиранската платформа и само за да дојдат на власт.

– Ваков дрзок обид за одземање на правото за збор на пратениците досега е невиден во Собранието на Република Македонија. Ова не претставуваше само обид да се замолчат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, туку претставуваше обид да се спречи да се слушне гласот на повеќе од 454.000 граѓани кои својот глас на последните парламентарни избори го дадоа за ВМРО-ДПМНЕ и за Коалицијата за подобра Македонија – рече Данев.

Тој порача дека во согласност со членот 80, став 2 на деловникот, претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници што се пријавиле за збор.

– Ова не може да биде прекршено под ниту едни услови. Ова не смее да биде прекршено поради нечија политичка желба или намера на кој било пратеник – рече Данев.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ има план како на сила да ја реализира тиранската платформа


Скопје, 6 април, 2017 - 10:28 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ во своето редовно утринско соопштение наведува дека главно прашање на јавноста е колку лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и неговите најблиски соработници имаат, како што велат, украдено, рекетирано, затаено бидејќи по ниедна цена не помислуваат да ги отфрлат уцените и да се откажат од распродажбата на националните и државни интереси.

„Станува сè поочигледно дека со предавници, лажговци и со криминалци како што се СДСМ не може да се постигне никаков договор кој не би бил на штета на државата. Напротив, тие кројат планови како недемократски да почнат да ја спроведуваат тиранската платформа. Тие се подготвени и насила да ја погазат волјата на народот, националните и државните интереси“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека СДСМ одбива да се откаже од „тиранската платформа“, која води кон разнебитување на државата, дека молчи за изјавата на шефот на албнската дипломатија, кој бара платформата да влезе во Уставот на Македонија и оти „СДСМ отворено кажува дека има план како насила и да го реализира тоа“.

„Ова е многу сериозно сценарио во кое се вплеткува СДСМ. Ова сценарио нема да помине. Народот е против тиранска влада и тиранска платформа во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како сериозна и одговорна партија понуди излез од политичката криза. Тоа е Манифестот за единствена Македонија. Овој манифест е гаранција на унитарниот карактер на Македонија и најдобар одговор на негирањата кон македонскиот народ, државните симболи и иредентизмот кој го промовираат домашни, но и странски субјекти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Бушати: Влегувањето на албанската платформа во Уставот ќе има позитивни ефекти


Брисел, 3 април, 2017 - 12:12 (META) 

Во Македонија постои длабока криза на демократијата, а Никола Груевски и неговата политичка партија се обидуваат да ја трансформираат демократската криза во меѓуетничка, изјави шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, во интервју за „Еуроактив“.

– Не постои тиранска платформа, постои документ напишан од три од четирите албански партии кои се застапени во сегашниот парламент и кои ние ги поддржавме затоа што во документот прво гледаме јасен обид на Албанците да ја здржат Македонија обединета, потоа да побараат подобра меѓуетничка хармонија во духот на Охридскиот договор, трето – да се имплементира Договорот од Пржино и четврто – да се деблокира патот на Македонија кон НАТО и ЕУ преку нормализирање на односите со Грција, Бугарија и, секако, со Албанија и со Косово – вели Бушати.

На тврдењето дека клучен елемент од тиранската платформа е албанскиот јазик да добие статус на официјален јазик во Македонија, што значи и менување на Уставот, Бушати вели дека тоа не значи и федерализација на државата.

„Не знам како тоа назначувањето на албанскиот за официјален јазик значи федерализација на државата. Но, ако се однесува на Охридскиот договор и на изворот на расправиите меѓу Македонците и Албанците во Македонија, јасно е дека имплементирањето на обврските од овој договор е на ниско ниво. Постојат тенденции од Груевски и од други да се сметаат Албанците за сезонски работници во нивната земја. Не постои сериозен напор да се осигури меѓуетничка хармонија во земјата. Во последните пет-шест години, општеството е сè повеќе поделено по етничка линија. Сметам дека вклучувањето на таканаречената албанска платформа во Уставот, во новата правна рамка на земјата, ќе даде многу попозитивни резултати за двете етнички групи во Македонија или за двете главни етнички групи, Македонците и Албанците – вели Бушати.


Заев: Груевски нека излезе на дуел за да ги отвориме сите прашања пред јавноста


Скопје, 26 март, 2017 - 19:55 (META) 

Доколку одиме на парламентарни избори заедно со локалните избори, ќе освоиме и повеќе пратеници, ама претседателот Ѓорге Иванов, пак по налог на Никола Груевски, нема да ни го даде мандатот за формирање влада, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за „Канал 5“, од каде го повика Груевски на телевизиско соочување за пред јавноста да ги отворат сите прашања.

Заев верува дека утре ќе се избере претседателот на Собранието и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да не тактизира дека ќе се гласа само за Комисијата за избори и за именувања.

– Ако не се избере утре, ќе има седница задутре, тоа е демократијата. Ако треба да трае седницата цела ноќ, нека трае. Испраќам порака да не се обидуваат да прават некаков вид манипулации. Ќе ни треба ВМРО-ДПМНЕ за спроведување реформи, затоа мора да соработуваме. Не сакаме да размислуваме на други решенија, тоа е лоша практика за Македонија – рече Заев.

За Талат Џафери, кандидатот на ДУИ за претседател на Собранието, Заев рече дека тој е еден од посериозните кандидати затоа што поседува најголемо искуство.

– Мене ми е важно сите потенцијални партнери да веруваме во решението што ќе го избереме. Потребно е новиот претседател на Собранието да биде човек со капацитет, кој има искуство и да има разбирање за идната опозиција, па дури да прифати предлог од нив затоа што демократијата значи толеранција и разбирање – додаде Заев.

Лидерот на СДСМ истакна дека тој не преговарал за платформата затоа што нема добиено мандат за формирање влада и додаде дека промовирал владина програма и дека за СДСМ не постојат други платформи и декларации.

За понудата на Груевски за поддршка на владата на СДСМ доколку ја отфрлат платформата, Заев вели дека традиција е од самостојноста на Македонија барем една албанска партија да биде во власта и додаде дека таа понуда е обид на Груевски да ја замајува и да ја лаже јавноста и да си купува време.

На прашањето што мисли за протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Заев рече дека тој веќе повикал петмина претставници од иницијативата и откако ги слушнал нивните барања и загриженост, излегол со програма на влада за да покаже дека таа значи 100 отсто зајакнување на унитарноста на државата и почитување на Уставот.


Од ВМРО-ДПМНЕ му понудиле на Хан две решенија – малцинска влада или нови избори


Скопје, 21 март, 2017 - 23:36 (META) 

Задоволни сме од средбата со еврокомесарот Јоханес Хан со кој во отворена дискусија расчистивме неколку дилеми, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по средбата на лидерот на партијата, Никола Груевски, со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и со тројцата европратеници  Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн.

Милошоски истакна дека разговарале за ризиците што произлегуваат од можноста некој да се обиде насила да решава национални прашања и оти на Хан му предложиле две решенија за излез од кризата.

„Постојат два начина за надминување на кризата. Првиот е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да се откаже од барањето на албанските партии и платформата која тие ја застапуваат.  Втората опција се нови парламентарни избори како патоказ за идното движење на Македонија – рече Милошоски.

Тој нагласи дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе работи во институциите на системот за доброто на Македонија“.