ВМРО-ДПМНЕ во своето редовно утринско соопштение наведува дека главно прашање на јавноста е колку лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и неговите најблиски соработници имаат, како што велат, украдено, рекетирано, затаено бидејќи по ниедна цена не помислуваат да ги отфрлат уцените и да се откажат од распродажбата на националните и државни интереси.

„Станува сè поочигледно дека со предавници, лажговци и со криминалци како што се СДСМ не може да се постигне никаков договор кој не би бил на штета на државата. Напротив, тие кројат планови како недемократски да почнат да ја спроведуваат тиранската платформа. Тие се подготвени и насила да ја погазат волјата на народот, националните и државните интереси“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата наведуваат дека СДСМ одбива да се откаже од „тиранската платформа“, која води кон разнебитување на државата, дека молчи за изјавата на шефот на албнската дипломатија, кој бара платформата да влезе во Уставот на Македонија и оти „СДСМ отворено кажува дека има план како насила и да го реализира тоа“.

„Ова е многу сериозно сценарио во кое се вплеткува СДСМ. Ова сценарио нема да помине. Народот е против тиранска влада и тиранска платформа во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како сериозна и одговорна партија понуди излез од политичката криза. Тоа е Манифестот за единствена Македонија. Овој манифест е гаранција на унитарниот карактер на Македонија и најдобар одговор на негирањата кон македонскиот народ, државните симболи и иредентизмот кој го промовираат домашни, но и странски субјекти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.