fbpx

Тодоров: ВМРО-ДПМНЕ и протестите на народот ја заштитија унитарна Македонија

-

„Зоран Заев е првиот мандатар што потпишува гаранции дека нема да ги наруши највисоките државни и национални интереси. Тоа не било побарано ниту од Бранко Црвенковски, ниту од Хари Костов, ниту од Владо Бучковски. Тоа доволно говори за сериозноста на информациите што предупредуваа на ризикот со кој се соочува Македонија“, рече Никола Тодоров на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ откако претседателот Ѓорге Иванов му го додели мандатот на претседателот на СДСМ.

Тодоров предавањето на гаранциите од Зоран Заев за заштита на територијалната целина, унитарноста и мултиетничноста на Македонија го оквалификува како „победа издејствувана од политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ и од 80-дневните најдолги и најмасовни протести на стотици илјади граѓани низ целата држава“.

– Реализацијата на елементите од тиранската платформа, за кои, како што изјавуваше Зоран Заев, имал позитивен став, значеше директно загрозување на мултиетничкото општество какво што го градевме и претворање на државата во бинационална. Таа опасност беше реална и затоа народот остро реагираше – рече Тодоров.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и Заев за политичката криза, затоа што, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ понудила поддршка за влада што ќе ја отфрли платформата на албанските партии, а СДСМ тоа го отфрлила, па потоа дошло до „политичко насилство насилство при обидот да го изберат Талат Џафери за претседател на Собранието“.

– Доколку Зоран Заев собереше храброст и порано се оградеше од тиранската платформа, Република Македонија не мораше да ги минува и овие месеци во политичка криза. Доколку Зоран Заев порано ги дадеше гаранциите што ги побара претседателот Ѓорге Иванов, досега ќе беа деблокирани сите процеси и ќе имавме локални избори. Денешното добивање на мандатот е само затруен плод на затруеното дрво – рече Тодоров.

Нагласувајќи дека на гаранцијата од Заев не се потпишани лидерите на албанските партии од мнозинството, рече дека „ВМРО-ДПМНЕ знае колку тежи зборот на Зоран Заев“, па затоа будно ќе го следи.

Тој, на крајот, во име на партијата им честиташе на граѓаните „што беа истрајни во своите барања да се обезбедат гаранции за интегритетот и за суверенитетот на Република Македонија“.
Тодоров порача дека поддршката на коалицијата „За подобра Македонија“ се зголемува и повторно го кажа барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...