Сугарески: За автопатот Кичево – Охрид не се проектирале клучки


       
Кичево, 19 јуни, 2018 - 16:36 (META) 

За еден месец ќе се знае колку ќе чини автопатот Кичево – Охрид, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

Од 374 милиони евра од банката ЕКСИМ наменети за овој автопат, 220 милиони се неискористени, и главната цел на Министерството за транспорт и врски ќе биде во Собранието да се пренаменат овие пари.

„Овие пари би се користеле за други позиции кои можат да се градат, а не за предвидените кои се во застој“, информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Сугарески и Китанов информираа дека поради грешки во проектирање на тунелот од минатото раководство сега цената за негова изведба ќе биде двојно поголема.

„Се трудиме да одиме со цените од подизведувачите, а не со цените од „Синохидро“ кои што биле досега. Но, дополнителните работи се доста на број“, изјави Китанов.

Геотехничките испитувања на земјиштето се правеле на едно место, а трасата за тунелот е на друго место на кое категоријата на земјата е сосема различна. Поради овие проблеми на помош изминатиот период дошол експерт од Австрија, а совети ќе се бараат и од стручни лица од САД.

„Нигде го нема ова да се проектира автопат, а да не се проектираат клучки. Со сегашната состојба не е предвидено нигде исклучување, што значи дека од Кичево до Охрид на ниту едно место граѓаните нема да можат да се исклучат од автопатот или пак да возат по сервисни патишта. Осумте клучки кои се во фаза на проектирање ќе чинат околу 30 милиони евра, но до крајот на месецов ќе имаме конечна сума за сите дополнителни работи“, вели министерот Сугарески.

Рокот за изградба на автопатот е продолжен до 2021 година.