fbpx

Соботка: Вишеградската група има цел да им помогне на балканските земји

-

Политичките и економските односи меѓу Македонија и Чешка се во континуирана нагорна линија, заклучија македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, и чешкиот премиер, Бохуслав Соботка, на средбата во Прага што се одржа попладнево пред вонредниот самит на Вишеградската група.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на Иванов, било разговарано за можностите за понатамошно унапредување на односите во сите области кои се од заеднички интерес, особено за подобрување на економската соработка, поттикнување на трговската размена и на соработката во делот на инвестициите. Иванов ја истакнал посветеноста на Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ и на зачленувањето во НАТО, како највисок стратегиски приоритет на земјата.

Во однос на актуелните предизвици со бегалската и мигрантската криза, Иванов го реафирмирал ставот на Македонија за сеопфатно европско решение, сo заеднички критериуми за редуцирање на нелегалниот наплив на мигранти, поефикасна заштита и за контрола на границите и регистрација на бегалците.

Во таа насока, како што се наведува во соопштението, Иванов посочил дека Македонија значително го намалила нелегалниот протек на мигранти што немаат основа да бидат баратели на азил во ЕУ, воспоставила систем на контрола, регистрација и на спроведување на основаните баратели на азил на хуман и на безбеден начин. Тој истакнал дека во интерес на нашата земја е да имаме соработка со Грција и со сите засегнати земји, да нема еднострани решенија и сите заедно да дејствуваат кон зајакната гранична заштита и безбеден и хуман третман на сите што имаат потреба од меѓународна заштита.

Соботка, оддавајќи признание за начинот на кој Република Македонија се соочува со бегалската криза, истакнал дека денешниот самит на Вишеградската група има цел да покаже солидарност и да им помогне на балканските земји во справување со бегалската криза.

Попладне претседателот Иванов ќе учествува на вонредниот самит на Вишеградската група. Во македонската делегација е и министерот за здравство и раководител на Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи, Никола Тодоров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...