Пет часа траеше распитот во Специјалното јавно обвинителство на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, осуден во случајот „Кампања“.
Зградата во која се просториите на СЈО, Бошкоски ја напушти со полициска придружба 15 минути по 18 часот, накратко поздравувајќи се со неколкумина свои симпатизери, кои го чекаа пред зградата.
Адвокатот на Бошкоски, Константин Кратовалиев, во изјава за медиумите потврди дека распитот на неговиот клиент е во врска со случајот „Кампања“. Тој не сакаше да каже повеќе детали околу сослушувањето.
– Бошкоски денеска даваше исказ во својство на сведок и на оштетен во случајот „Кампања“, а во врска со пречекорувањето на овластувањата на органите што учествувале во преземањето на дејствата во конкретниот случај – рече Кратовалиев.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Бошкоски посочил конкретни лица, Кратовалиев кусо одговори дека нема што да посочува туку тие самите се наметнуваат од записниците и од извештаите за преземените дејства во „Кампања“.
„Кампања“ е еден од случаите што Специјалното јавно обвинителство ги презеде во своја надлежност. Пред десетина дена на распит во СЈО беше Игор Спасов, припадникот на специјалните полициски единици, кој е осуден за убиството на Мартин Нешкоски.