Продолжува судењето на Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски за „Траекторија“


       

Во скопскиот Кривичен суд (Основен суд Скопје 1) денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот на СЈО „Траекторија“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

На минатото рочиште што се одржа на 14 февруари, Груевски ги оспоруваше СМС-ите и побара да не формално решение од судот за одбивањето на барањето да не се користат 13 од вкупно 315 прислушувани разговори кои СЈО ги достави до судот како докази. Тој исто така ги ооспори вештачењата за предметот.