Груевски за „Траекторија“ ги спори СМС-пораките, СДСМ и СЈО можеле да ги менуваат


       
Скопје, 14 февруари, 2018 - 13:50 (META) 

Поранешниот премиер Никола Груевски во продолжението на рочиштето за случајот „Траекторија“ побара од судот да ги отфрли СМС-пораките како недозволен доказ, бидејќи, како што рече, не може да се утврди нивната автентичност и оти многу лесно може да се манипулира нивната содржина. Тој рече дека е можно тоа да се правело и во СДСМ и во Специјалното јавно обвинителство (СЈО)

– За ова не треба никакво посебно знаење, доволен е компјутер со програма со која може да се отвори пораката, да се менува текстот без да оставите трага – рече Груевски обраќајќи се пред судот.

Тој рече дека пред Специјалното јавно обвинителство да ги добие СМС-пораките тие биле кај СДСМ, кој, како што рече, е нивни жесток политички противник и „партија која сака да ни нанесе политичка штета и правни последици”.

Тој додаде дека е теоретски можно и во СЈО да била менувана содржината на СМС-пораките за да се поткрепи обвинението.

Груевски побара пред да биде продолжена постапката, судот да донесе формално решение во врска со одбиеното барање 13 од вкупно 315 прислушувани разговори да не бидат доказ во процесот, затоа што веќе се јавно објавени и се наоѓаат на интернет.

– Бараме да имаме еднаков третман како оној што од овој суд му се дава на Заев – рече поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер.

Груевски рече оти разбира дека судот работи под политички притисок и побара да работи по закон и како што пишува во законот. Тој ова го наведе во контекст на приговорот на адвокатите дека навреме, односно во рок од еден до три дена, не им се доставуваат цд-та со записникот од рочиштата. Зборуваше и за барањето да бидат отфрлени вештачењата во овој предмет, бидејќи, како што рече се направени од вештаци без лиценци и од фирма која е странска експозитура, а што според македонската легислатива било незаконски.

На предлозите на Груевски, обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, рече дека тој само од мобилен телефон го читал предлогот што до судот го достави неговиот адвокат Димитар Дангов, а којшто судот веќе го одбил.

Стефанова нагласи и оти таа повеќе нема да се произнесува по предлози и приговори коишто се повторуваат и побара од судот, доколку тоа повторно се случи, на адвокатите да им биде одземен зборот.

На продолжението на денешното рочиште, на кое Груевски честопати приговараше, судијата Бошевски рече дека ќе им овозможи услови на адвокатите да ги слушаат снимките на бомбите и да направат препис во судот, а Груевски остана на барањето да им биде доставена и копија од таканаречените бомби.

Следното рочиште Бошевски го закажа за 1 март, а на терминот остана и покрај инсистирањето на адвокатот Дангов, кој бараше нов датум, бидејќи од 28 февруари до 5 март ќе бил во странство.