Две православни цркви во Австралија на Велигден ги зафати пожар, само неколку часа откако во Њујорк на Менхетен изгоре српска православна црква. Денеска во текот на денот пожар зафати и манастир во Русија.
Од црквата во Њујорк по пожарот останале само ѕидовите, македонската православна црква во Сиднеј е целосно уништена, додека грчката православна црква во Мелбурн е само оштетена. Пожарот во Русија и понатаму е активен.
Македонската православна црква „Христово воскресение“ пожарот ја зафатил околу 22 часот по локално време, а во зградата немало никој. Во акцијата за гаснење на пожарот учествувале 60 пожарникари, а тројца се полесно повредени.
– Нè изненади интензитетот на огнот, зградата многу бргу се урна. Имавме среќа што има многу малку повредени – изјави Грег Малинс од пожарникарната служба.
Полицијата изврши увид, а дел од австралиските медиуми наведуваат дека се истражува и можноста за намерно подметнување на пожарот, поради фактот што во црквата имало многу пари поради велигденските донации.
Неколку часа порано пожар изби и во најстарата православна црква во Мелбурн.
Пожарникарната служба била повикана во 13.40 часот, само неколку часа откако завршила утринската велигденска литургија.
Евакуирани се околу 200 лица од околните згради, а повредени нема.
Зградата го издржала пожарот кој бил изгаснат по 30 минути, но пламенот ги оштетил ѕидовите, покривот и иконите во црквата.
Причината за пожарот во црквата стара 115 години засега не е позната.
Целосно уништена е и зградата на српската православна црква „Свети Сава“ на Менхетен во Њујорк, но жртви и повредени нема.
Повеќе од 170 пожарникари биле вклучени во гаснењето на пожарот. Причината сè уште не е позната и истрагата е во тек.
Пожарот избил во 19 часот по локално време, а локализиран е четири часа подоцна.
Огнена стихија денеска го зафати и манастирот „Валам“ во Северна Русија. Пожарот избил во хотелот „Винтер“, кој се наоѓа во стара зграда што му припаѓа на манастирот, а се наоѓа веднаш до катедралата.
Во пожарот кој зафатил 8.600 квадратни метри нема жртви, а 70 луѓе се евакуирани навреме.