Новиот „Правопис на македонскиот јазик“ да биде реиздаден со пристапна цена


       
Штип, 26 февруари, 2016 - 14:25 (META) 

Оправдани се реакциите во јавноста дека цената од 1.500 денари за новиот „Првопис на македонскиот јазик“ е превисока и дека треба да се препечати во помалку луксузно издание со популарна цена. Ова е заклучокот од вчерашната седница на Советот за македонски јазик, кој ќе даде предлог до издавачот, Институтот за македонски јазик и Министерството за култура, за ново поевтино издание, изјави денеска во Штип раководителката на проектот, Елка Јачева-Улчар, на прмоцијата на правописот.

– Правописот треба да си го најде местото во сечиј дом, затоа што нам, како на учители по македонски јазик, главната грижа и цел ни е токму тоа и затоа сметам дека реакциите се оправдани. Во однос на тиражот, тоа беше единствениот начин да се појави нов правопис затоа што на друг начин не можеше поинаку да се изведе. Но, тоа не значи дека ќе се остане на овој тираж и дека потребата што се чувствува и во образовниот процес и меѓу лекторите и преведувачите, стручните лица и, конечно, меѓу граѓаните, зборувачи на македонскиот јазик, секако ќе биде задоволена – изјави професорката Јачева-Улчар.

Според неа, издадените 500 примероци се максималниот тираж што е определен од конкурсот за годишната програма за печатени изданија на Министерството за култура.

Новиот „Правопис на македонскиот јазик“ е првото издание по 1998 година. Содржи правила за правилно пишување и за правоговор. Ова издание содржи дополнување со нови примери за транскирпција од туѓи јазици на македонски јазик и е дополнето со цело ново поглавје со практични примери за тоа како се цитираат библиографски единици, како се пишуваат административни документи, како молба и жалба, како се пишуваат стручни термини, како хемиски елементи и мерни единици.

Првиот правопис на македонскиот јазик е издаден пред 70 години.