!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Николовски: Намерно го блокирате Собранието, ја загрозувате исплатата на плати и на пензии


       
Скопје, 21 април, 2017 - 14:30 (META) 

На почетокот на 15. продолжение на конститутивната седница на Собранието, пратеникот Љупчо Николовски од СДСМ се јави за процедурална забелешка во која рече дека претседавачот Трајко Вељаноски го крши деловникот затоа што дозволува да се дебатира на други теми, а не на точката која е на дневен ред, а со тоа намерно се блокира Собранието.

Тој го обвини пратеникот Љупчо Димовски дека е криминалец. Токму на говорот на Димовски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ реплицираа, а тој даваше контрареплики.

– Постојат сериозни индиции кои говорат дека токму во овој период, кога ја правите оваа блокадата, стопирате 100 милиони евра субвенции за земјоделците. Во овој период на блокада од релевантни извори се знае дека од следниот месец ќе биде загрозена исплатата на плати, пензии и на социјална помош. Љупчо Димовски незаконски дозволи исплата на стотици илјади евра за субвенции кои не отидоа кај вистинските земјоделци, туку кај ваши функционери – рече Николовски.

На ова со процедурални забелешки се јавија Антонијо Милошоски, Илија Димовски и Љупчо Димовски.

– Тука сите зборуваме во име на народот, а тоа најмалку може да го каже тој што го претрпе најголемиот пораз на овие избори, а тоа е Љупчо Николовски. Луѓето се изјаснија и кажаа дека повеќе му веруваат на Илија Димовски отколку на Љупчо Николовски. Зборувате за криминал, па претходно расчистете го во своите редови. Сакам да ви укажам, не заканувајте се на колегите пратеници, народот го има последниот збор – рече Милошоски.

Љупчо Димовски рече дека нема да одговара на „овие глупави обвинувања“, на што Вељаноски додаде дека „не мора на секоја глупост да се одговара“.

Според Весел Мемеди од Алијансата за Албанците, кризата ја креираат тие што имаат корист од неа.

– Од оваа голготата и криза во Македонија, придобивка имаат сите деструктивни струи што постојат во државните институции и, за жал, постојат и во верските институции. Тие комуницираат на перфектен начин едни со други, без оглед на нивниот етникум. Треба да му ставиме крај на групното размислување во Македонија. Мора да сфатиме дека Македонија е сопственост на сите и мораме идентично да се грижиме за неа – додаде Мемеди.

Собраниската седница ќе продолжи во 15 часот по паузата за ручек.