fbpx

На Охридско Езеро му е потребна интегрална заштита

-

На Охридско Езеро му е потребна  интегрална заштита, што претпоставува воспоставување заеднички систем за заштита и од македонска и од албанска страна.

Ова беше единствен заклучок од  денешниот работен состанок што во Охрид се одржа во рамките на Проектот за интегрална заштита на културното и на природното наследство на Охридскиот регион поддржан од ЕУ и од УНЕСКО.

Лидија Топузовска, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, вели дека македонската страна е отворена за соработка кога станува збор за заштитата и на албанскиот дел од езерото.

– Веќе подолг период соработуваме со албанските колеги на речиси сите нивоа, со учество на националните комисии на УНЕСКО како интегрирачка институција. Кога станува збор за заштита на албанскиот дел од регионот, нашите совети се албанските колеги да размислат за опфатот на територијата што ќе ја номинираат како природно и културно наследство за заштита – напоменува Топузовска.

Сонила Кора од Министерството за култура на Албанија, задолжена за заштита на спомениците на културата, нагласува дека главниот проблем со кој се соочува албанската страна во делот на заштите на културно-историските споменици е неконтролираната градба и урбанизацијата во заштитените подрачја.

– Токму затоа, во јуни годинава aлбанската влада донесе одлука за прогласување на центарот на Поградец за заштитено подрачје од прва категорија, со строга контрола на градежните активности – вели Кора.

Претставникот на УНЕСКО, Синиша Шешум, рече дека неопходно е да се воспостави заеднички систем за заштита на Охридско Езеро и на регионот и, како што рече, двете држави мора меѓусебно да си помагаат.

– Не може да се штити едниот дел од Охридско Езеро, а преостанатиот дел да биде надвор од контрола. Актуелните проблеми со кои се соочува регионот се решливи. Владата на Македонија ги исполнува препораките на советодавните тела на УНЕСКО, така што засега не се соочува со некои поголеми проблеми – прецизираше Шешум.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...