Мујо Бучпапај, Жарко Милениќ и Панде Манојлов – добитници на наградата „Струшко слово“


       
Струга, 24 април, 2017 - 11:23 (META) 

Современиот албански поет, есеист и критичар Мујо Бучпапај, босанско-херцеговачкиот книжевник, поет, есеист, преведувач и критичар Жарко Милениќ и македонскиот публицист, поет, преведувач и литературен критичар Панде Манојлов, се годинашните добитници на меѓународната награда „Струшко слово“ за 2017 година, што ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“.

Наградата „Струшко слово“ на Мујо Бучпапај му се доделува за особени заслуги во неговото творечко дело, прогресивната мисла и за подобрување на албанско-македонското културно пријателство.

Жарко Милениќ наградата ја добива за особени заслуги во градењето на непромостивото пријателство меѓу авторите и државите на Балканот и пошироко.

На Панде Манојлов наградата „Струшко слово“ му се доделува за особени заслуги во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура и за книжевниот пробив во Македонија, арапскиот свет и пошироко.

Наградата „Струшко слово“ на добитниците ќе им биде врачена на манифестастацијата „Струшки книжевни средби“ што годинава ќе се одржи на 6, 7 и 8 јули, во Струга, Охрид и во Вевчани.