Награда „Струшко слово“ за Валерио Орлиќ и за Васил Тоциновски

Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга, оваа година меѓународната награда „Струшко слово“ им ја додели на хрватскиот автор Валерио Орлиќ и на Васил Тоциновски од Македонија.

Во образложението на редакцијата стои дека Орлиќ признанието го добил „за особени заслуги во развојот на македонско-хрватските книжевни релации“, а Тоциновски „за личниот придонес во примената, развојот и во афирмацијата на македонскиот литературен јазик во Македонија и во светот“.

Валерио Орлиќ е хрватски книжевник, роден 1967 година во Риека, каде живее и работи. Досега има објавено 20 книги за деца и за возрасни. Објавува во меѓународни списанија во Хрватска и во странство. Орлиќ е иницијатор и основач на Хрватското книжевно друштво – Риека, член е на Друштвото на хрватските писатели и на друштвата на хаику-поети на Хрватска и на Риека.

Васил Тоциновски е поет, раскажувач, романсиер, автор за деца и за млади, критичар и есеист, книжевен историчар, антологичар и преведувач. Автор е на повеќе од шеесетина книги белетристика и книжевна историја, а приредил повеќе од 80 наслови од македонското публицистичко и книжевно наследство. Публикувал повеќе од 350 студии во домашни и во странски списанија.

Наградата „Струшко слово“ на Валерио Орлиќ и на Васил Тоциновски ќе им биде врачена во рамките на „Струшките книжевни средби – 2015“, манифестација што се одржува од 2 до 4 јули. На истата манифестација, на бугарската поетеса Вања Ангелова ќе ѝ биде доделена големата награда „Книжевна далга“.

В.М.