!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Канческа-Милевска: Заев потпиша договор со Бугарија за да го смени името по грчки терк


       
Скопје, 8 август, 2017 - 15:44 (META) 

Договорот за добрососедство со Република Бугарија што го потпиша владата на Зоран Заев е во спротивност со македонските државни и национални интереси и прави од македонската страна губитник во целиот процес, изјави денеска на прес-конференција поранешната министерка за култура и сегашна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа-Милевска.

– Во членот 2, став 2 од Договорот, Бугарија вели дека ќе се согласи со одлуката што ќе биде донесена од врвот на НАТО. Со овој член Зоран Заев буквално ја обврзал Република Македонија поддршката од Република Бугарија за влез во НАТО да ја добие тогаш, кога за тоа ќе добие амин од Грција, односно ќе го смени името на државата по грчки терк. Доколку Зоран Заев сакал да извојува фер позиција за Република Македонија, во договорот требало да ја вклучи пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, во врска со спорот за името со Грција, во која според сите норми на меѓународното право, беше пресудено дека Република Македонија може да се приклучи кон НАТО во согласност со привремената спогодба – вели Канческа-Милевска.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ вели дека македонските граѓани можат да го казнат Социјалдемократскиот сојуз за ваквиот однос на локалните избори на 15 октомври.