Јохан Тарчуловски предложен за нов член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ


       
Скопје, 17 април, 2018 - 14:53 (META) 

Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, на својата вчерашна седница ги препорачал Јохан Тарчуловски и Зоран Коцевски за нови членови на Централниот комитет (ЦК) на партијата. Пратеникот Јохан Тарчуловски, кому му се судеше во Хаг за случајот Љуботен, беше и притворен за насилствата во Собранието на 27 април минатата година и кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ.

На вчерашната седница, ИК оценил дека СДСМ нема капацитет да ја води Република Македонија.

„Државата се соочува високо ниво на задолжување, раст на БДП од 0%, пад на градежништвото од 20% и покачени цени. Покрај декларативните заложби на власта за ЕУ и НАТО интеграција отсуствува реална посветеност на реформите. И по 11 месеци  не се комплетно завршени реформите од планот 3 – 6 – 9, и пред вклучување на ВМРО-ДПМНЕ законските решенија беа со голем број недостатоци и нереформски. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа реформските закони и учествува во нивното подобрување за доброто на Република Македонија, раст и развој на државата и  просперитет на граѓаните“, заклучил Извршниот комитет.

Истовремено, бил избран и нов Извршен комитет на Унијата на млади сили на партијата и биле предложени 9 имиња за претседатели на Општинските комитети во општинтие Аеродром, Студеничани, Центар, Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров, Сарај, Прилеп и Струмица.