Јанакакис: Ве поддржуваме во ЕУ и НАТО, сега сѐ зависи од земјите членки


       
Скопје, 27 јуни, 2018 - 17:11 (META) 

Грчкиот амбасадор во Македонија, Димитрис Јанакакис, денеска изјави дека Грција ја поддржува нашата земја во ЕУ и НАТО врз основа на договорот од Преспа, но, според него, сега сè е во рацете на земјите членки.

– Оваа земја има аспирација да стане членка на ЕУ и на НАТО. Грција врз основа на договорот од Преспа ги поддржува овие напори, но пристапот не зависи само од Грција. Сега е во рацете на сите други земји-членки на НАТО и на ЕУ да ги поддржат аспирациите на оваа земја во иднина – истакна Јанакакис, кој зборуваше на 98. Рос-Рот семинар во Собранието на Република Македонија.

Јанакакис зборуваше за Договорот за решавање на спорот за името посочувајќи дека станува збор за историски договор „што ќе ги стави односите меѓу двете земји на ново тло“.

Грчкиот амбасадор потенцира дека постигнувањето на ваквиот Договор не било лесно за ниедна страна и оти бил постигнат по тешки преговори во коишто се покрија многу чувствителни прашања.

– Овие прашања имаа многу голем емотивен набој што водеше кон критика во двете земји. Грчката влада силно верува дека условите коишто се сега на сила ќе го остават тешкиот период зад нас и ќе водат кон развивање на силни, длабоки и плодни односи меѓу двете земји – смета Јанакакис.

Сакаме, додаде Јанакакис, „еден стабилен и просперитетен сосед, безбеден во рамките на своите граници коишто ќе биде наш многу близок пријател на северот и со којшто ќе имаме добра трговија, соработка и економска размена“.