!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иванов – Креј: Македонија да го добие заслуженото место во НАТО


       
Скопје, 14 септември, 2017 - 12:37 (META) 

Македонија ги исполнува сите услови и критериуми за членство во НАТО, а со учеството во мировните мисии де факто се однесува како членка на северно-атлантската организација, истакнал претседателот на државата, Ѓорге Иванов, на средбата со командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј, кој е во официјална посета на земјава.

Во овој контекст Иванов изрази очекување за понатамошна интензивна американска поддршка, за Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО.

„Генерал-мајор Креј оддаде признание за севкупниот ангажман на македонските војници во меѓународните мировни мисии и додаде дека САД, како и досега, ќе продолжат да бидат поддржувач на стратешката определба на Република Македонија за целосна интеграција во евроатлантските структури“, стои во соопштението за средбата.

Иванов и генерал Креј на средбата размениле мислења за долгогодишната плодна соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт преку заедничкото учество во мировни мисии, реализацијата на заеднички вежби, обука и едукација на припадниците на двете армии.

Инаку, во 2012 година Иванов ја одликуваше Националната гарда на Вермонт со Орден за воени заслуги.