Гувернерите на банките од регионот и ЕУ ќе се обратат на конференцијата во Охрид


       
Охрид, 13 април, 2018 - 10:00 (META) 

Гувернерот на Централната банка на Белгија, Јан Сметс денеска ќе има воведно предавање на седматa годишна истражувачка конференција на Народна банка, која вчера почна во Охрид. Конференцијатa е насловена „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“.

Излагачи на првата панел-дискусија на вториот ден од конференцијата, исто така ќе бидат и гувернерите на централните банки од Македонија, Белгија, Хрватска, Албанија и Косово. Темата на панел-дискусијата на гувернерите е новиот глобален циклус и нормализирањето на монетарната политика.

Во втората панел-дискусија на која тема е „Капиталните текови-изгледите и ризиците на регионот“, ќе учествуваат регионалниот резидентен претставник на ММФ за Централна и Источна Европа, директорот на Здружениот институт од Виена, заменик-директорот на Секторот за економија и политики на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и вицегувернерот од банката на Словенија.

На конференцијата исто така учествуваат и претставници на повеќе централни банки од регионот и ЕУ.

„Оваа конференција претставува можност за размена на искуства со претставниците на пошироката меѓународна заедница за клучни прашања од областа на макроекономијата, монетарната политика и финансиската стабилност, како за претставниците на НБРМ, така и за домашните банки и другите финансиски институции“, се вели во соопштението на Народна банка.