fbpx

Филипче: Ќе правиме реформи за никогаш повеќе да нема здравствени кризи

-

Ќе направиме се, па и измени на законската регулатива за никогаш повеќе да не се повтори криза како оваа со инсулинот и сите лекови во иднина да се набавуваат дури и предвреме. Ќе направиме и целосна надградба на електронскиот систем во здравството за тој да ги опфати сите институции и да ја олесни работата и да ни овозможи многу поголем увид во состојбите, порача денеска Венко Филипче на своето прво обраќање пред новинарите како министер за здравство.

– Сакаме да се подобри здравствената регулатива и тендерите за набавка на лековите да се распишуваат за подолг период наместо една година, како и да се распишуваат одреден период пред новата набавка, за никогаш повеќе да не се повтори ваква криза. Моментално нема инсулинска криза благодарение на донацијата од една фирма производител и ве уверувам дека ќе направиме се повеќе да не се случи таква криза – рече новиот министер за здравство.

Тој најави и изработка на нова позитивна листа на лекови, на која, како што рече, ќе се најдат и најскапите лекови.

Филипче најави целосна реформа на здравствениот систем за да се избегнат досегашните проблеми во здравството, почнувајќи од надградување и усовршување на електронскиот систем за евиденција.

Во поглед на паралелниот увоз на лекови, Филипче рече дека веќе се разговара со Министерството за информатичко општество и администрација да се измени законот за паралелен увоз и да се воведе сертификат за квалитет, како и систем за следење, за да се знае која доза лек каде завршила.

Филипче рече и дека со реформите ќе се настојува да се намалат непотребните трошења, па се размислува сите триесетина клиники во Скопје да се обединат во еден клинички центар, за да не се делат плати и хонорари на десетици директори и членови на управни одбори, а истата замисла ја има и за други капацитети во друтите градови.

Покрај зголемувањето на платите во здравството од 5 отсто од втората половина на следната година, новиот министер за здравство вети и зголемување на надоместокот за дежурства во работни денови од 900 до 1.340 денари сега на 2.500 до 3.000 денари, а за викенд дежурства наместо досегашните 2.800 денари да се исплаќаат по 4.000 денари.

Филипче рече и дека нема да го поништи конкурсот за избор на советник за здравствен менаџмент и здравствена политика, на кој една од трите барани сфери на образование беа и историските науки. Рече дека ќе се направи нова систематизација, за да не се повторуваат такви ситуации, а според министерот, избраниот кандидат на новиот конкурс не е толку проблематичен, оти сепак е економист.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...