!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕП ќе помага во дијалогот меѓу власта и опозицијата во Собранието


       
Скопје, 9 ноември, 2017 - 18:15 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери и европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, кој е во дводневна посета на земјава, на денешната средба разговарале за можноста за отпочнување на дијалог меѓу различните пратенички групи во Собранието, под покривителство во Европскиот парламент.

Ваквиот дијалог, како што се наведува во соопштението од средбата, има за цел да придонесе кон создавањето на позитивна атмосфера во Собранието и подобрена комуникација меѓу опозицијата и власта по одредени прашања.

На средбата, Џафери го информирал Вајгл за актуелните случувања на политички план и за планираните активности на Собранието до крајот на оваа календарска година.

Вајгл истакнал дека Европскиот парламент ја поддржува Македонија на патот кон Европската Унија и работи на тоа земјите од Западен Балкан да имаат еднаков третман во регионален контекст.

Собранието и понатаму останува посветено на реформите кои се неопходни за приближување до Европската Унија и добивање на позитивна препорака од страна на Европската комисија во првата половина од следната година, нагласил претседателот на законодавниот дом на средбата.