Поради целата постапка со донесувањето на уставните измени во Собранието, во заден план беше турнат Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за возила, кој предвидува неколку промени, меѓу кои и еколошка категоризација на возилата.

Од Министерството за економија, предлагачот на законот за „Мета“ одговорија дека се очекува наскоро повторно да влезе во собраниска процедура, односно да продолжи пленарната седница на чиј дневен ред е ставен, откако претходно помина во Комисијата за економски прашања на 21 ноември, а имаше и јавна расправа во Комисијата за транспорт, врски и екологија.

Предложените измени на законот предизвикаа голема дискусија на социјалните медиуми, како и критики од опозициските пратеници при расправите во Собранието. Една од најчесто споменуваните забелешки беа на фактот дека иако во претходната верзија се предвидуваше еколошкото категоризирање да се прави со најмалку 15-минутно испитување на испуштените гасови од автомобилите и најмалку 25 минути испитување за товарните возила и автобусите, во верзијата што е пуштена собраниска процедура во почетокот на ноември седмици, тоа го нема, односно најверојатно ќе се продолжи со сегашниот циклус на мерење при технички преглед.

Екологистите сметаат дека промените се недоволни за да се предизвика некаква суштинска и позитивна промена. Според нив, тоа нема логика, бидејќи еколошката категоризација мора да биде според реалната состојба, односно да се доделува налепница врз основа на загадувањето што возилото го предизвикува, што би се утврдило со посебно мерење, а не само врз основа на годината и моделот, што е идентично на постапката за хомологација.

– Не може да се прави категоризација само врз основа на документите. Налепниците имаат поента само доколку секоја година при технички преглед се врши мерење на емисиите на возилото. Само тогаш, не по дифолт и по датум на производство и по модел, поради тоа што сите знаат дека со текот на времето колата го губи стандардот. Ваквата мерка нема да вроди со плод – за „Мета“ изјави Ана Чоловиќ – Лешоска, директор на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во две свои студии, изготвени минатата и оваа година, препорачува поригорозни мерки за да се сузбива загадувањето од старите возила. Во студијата „Транспорт во Скопје реалност и предизвици – Патека кон зелен транспорт“, која беше презентирана на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, која се одржа во МАНУ на почетокот на ноември, посебно внимание се обрнува на дизелите.

„Да се забрани увоз на возила постари од осум години во земјава и таа старосна граница постојано да се почитува, да се спроведуваат постојани контроли на издувните гасови на возилата и да се казнуваат оние кои ги извадиле катализаторите од возилата. Постојано да се зголемува и акцизата на дизел горивото за неговата цена да се изедначи со цената на акцизата на дизелот“, се дел од препораките за намалување на загадувањето на воздухот изнесени во погоренаведената студија, подготвена од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР) на МАНУ.

По стапувањето на законот на сила, со зелена налепница, за 1 еколошка категорија, ќе се означуваат возилата со стандарди Евро 5 и Евро 6, како и возилата со Евро 4 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас, како и електричните и хибридните возила. При енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, тие возила ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.

Втората еколошка категорија, со жолта налепница, ќе ја сочинуваат возилата со стандарди Евро 3 и Евро 4, како и возилата со Евро 2 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас. За тие возила при зголемено загадување ќе има ограничување на движењето, според одлуките на општините и градот Скопје.

Во третата, најниската категорија, која ќе се означува со црвена налепница, ќе бидат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард, или без таков стандард. За нив ќе биде забрането сообраќањето во периоди на загадување на воздухот.

Правилниците и одредбите ќе се донесуваат од општините и Град Скопје по донесувањето на законот.

Предлог-законот предвидува и субвенции од 5.000 евра за секое купено електрично возило, а 3.000 евра за купено хибридно возило. Во првата година по стапувањето на законот ќе се доделат вкупно 200 такви субвенции.

Исто така, ќе се субвенционира вградувањето на уреди на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, односно метан, и тоа најмногу 50 отсто од трошоците за набавка и вградување на уредот, но најмногу до 300 евра по возило. Во првата година се планираат 1.200 такви субвенции.