Новиот состав на Антикорупциска (Државна комисија за спречување на корупција – ДКСК) денеска почна со работа, но сè уште без дефиниран приоритет, туку ќе се разгледаат сите случаи, па тогаш новите антикорупционери ќе решат по кој редослед ќе ги решаваат.

Како што објасни претседателката Билјана Ивановска, за новата комисија сите случаи се подеднакво важни, пренесува „Порталб“.

– Ќе ги разгледаме сите случаи, без исклучок. Би рекла, по азбучен ред. Нема јасен критериум од каде да се почне, оти сите се важни и сите се од најголема важност рече Ивановска.

Таа појасни дека ќе се разгледуваат и новите случаи со непотизам, за вработување на блиски роднини на пратеничката од СДСМ Мира Стојчевска. Иако до нив не е стигната претставка, сепак по службена должност Комисијата може да покрене постапка.

– Ќе ја побараме целата документација во однос на вработувањата на овие лица. Ќе постапиме и за сите други случаи за вработувања кои изминатиов период предизвикаа сомнеж во јавноста. Многу работи се насобрани, прво ќе работиме на оние кои се најактуелни  – рече претседателката на Антикорупциска, Ивановска.