Димитров: Договорот не е идеален, но треба да ги исполни најважните интереси на двете страни


       
Скопје, 13 јуни, 2018 - 9:52 (META) 

Дали договорот е идеален? Секако не. Но, да не заборавиме дека секој успешен договор треба да ги исполни најважните интереси на двете страни.

Ова го напиша министерот за надворешни работи, Никола Димитров на неговиот фејсбук-профил за постигнатиот договор со Грција.

„Дали направивме се што можеме во дадените околности? Дали извлековме максимум без притоа да го загрозиме договорот? Апсолутно. И затоа ќе го бранам со се што сум и со целото срце. Зошто се втурнавме во ова? За да можеме да се погледнеме во огледало, да си кажеме дека направивме се за да го фатиме возот за иднината, заштитувајќи го идентитетот и достоинството. За да спиеме мирно. Со мирна совест“, напиша Димитров.

Тој додава дека „нема поголема должност од директно соочување со најголемиот проблем што со децении ни ја попречува иднината, што не влече надолу како камен врзан за државноста во бурните води на Балканот.“

„Одговорноста да се создаде шанса, да им се понуди избор на граѓаните, на народот, е позначајна од какви било политички калкулации, па макар тоа да значи и политичка саможртва. Со предложеното решение се става точка на сите идентитетски прашалници и предизвици. Македонци, македонски народ, македонски јазик. Се обезбедува европска иднина и НАТО безбедност“, додава Димитров.

Тој денеска оди во Берлин, за како што вели „да им кажам дека кај нас во Македонија имаме шанса за историски успех. Успех што треба да се поддржи со почеток на преговори за членство во ЕУ и со членство во НАТО.“