Многу шпекулации излегоа деновиве за пуштањето на автопатот Штип – Миладиновци, каде веќе десетина дена нормално се вози. Без застој или пренасочување може да се помине целиот автопат и од Штип до Скопје се доаѓа за педесетина минути.

Веројатно поради тоа се подгреаја шекулациите дека патот деновиве ќе биде пуштен во употреба. Неофицијално дури имаше најава дека свеченоста ќе се одржи во сабота, но засега официјална најава нема. Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, кратко одговори дека официјално ќе бидиме известени кога ќе биде пуштањето на патот.

На терен навидум работите се скоро завршени. Патот е речиси целосно обележан, поставени се знаци, но се чини, на одделни места недостасува заштитна ограда. Пред градежниците останува едно горливо прашање со приклучокот од автопатот до две села во штипскиот дел,  Кадрифаково и Криви Дол, кој во првата проекција беше заборавен, а потоа дополнително проектиран откако се побунија жителите на овие села. Проблем е и за неколкуте индустриски капацитети во овој дел, кои исто така останаа без приклучок за автопатот.

Тоа, како што неколку пати објаснуваа од ЈП за државни патишта дополнително го развлече целиот проект, кој и онака е продолжен за речиси две години. Според официјалната најава, автопатот прво треба да го помине техничкиот прием и најверојатно во мај и официјално да биде предаден во употреба.