Анѓушев: Референдумот нема позначајно да влијае на економскиот раст на државата


       
Скопје, 31 јули, 2018 - 12:19 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска на прес-конференција рече дека растот на индустриското производство од 12,1 отсто во јуни во однос на истиот месец лани и растот на просечната плата забележан во мај покажуваат дека економските политики на Владата се добри и оти даваат резултати на долг рок.

Тој додаде дека економијата се мери со бројки, а не со политизирање и потребно е, како што рече мало трпение на граѓаните и бројките ќе си дојдат сами по себе.

Во однос на малиот процент на реализација на капиталните инвестиции од околу 16 проценти, Анѓушев рече дека во првите шест месеци има мал застој во реализацијата, но додаде дека е оптимист и смета дека до крајот на годинава ќе се реализираат 90 отсто од планираните инвестиции.

– Малиот застој се должи на тоа што е потребно проектите да се доведат до нормално техничко ниво за да не ни се случуваат непотребни анекси – рече Анѓушев и додаде дека реализацијата на капиталните инвестиции кај државните компании е многу повисока.

Анѓушев не очекува референдумот значајно да влијае на реализацијата на капиталните инвестиции, бидејќи како што рече, предвидено е да ја чини државата околу 3,5 милиони евра, а тоа е помалку од еден отсто од планираните 400 милиони евра за капитални инвестиции.

– Сите политички случувања, па и референдумот негативно влијаат на економијата, но ценам дека нема позначајно да влијае на економскиот раст на државата – рече Анѓушев.

Нагласи дека референдумот се организира со цел Македонија да се придвижи кон евроатланските интеграции, а токму тоа, како што кажа, значи и поголеми инвестиции во земјата и економски раст на државата и се темели на искуството на сите држави кои се приклучиле кон ЕУ и НАТО.

На новинарско прашање во однос на конфликтот на интереси поврзан со компаниите во кои тој е дел од сопственичката структура, Анѓушев рече дека не се битни тие компании.

 -Нема никаков конфликт на интереси и заобиколување на законите. Престана делењето пари зад затворени врати и класифицирани договори. Компаниите кои ги задоволуваат законските критериуми имаат право да аплицираат. Сепак овие компании се повлекоа не поради конфликт на интереси, туку затоа што сензитивноста кај јавноста е голема после подолг период. Не се битни тие две компании, ако се проблем нема да аплицираат. Треаба да гледаме што е добро за целата економија. Бројките покажуваат дека целата економија се раздвижува – рече Анѓушев.