ААВМУ мора да биде вистински носител на политики за медиумите, не само регулатор


       
Скопје, 2 февруари, 2018 - 14:56 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) мора да биде вистински носител на политики за медиумската сфера, покрај својата редовна работа како регулатор, што барем во периодот април – септември минатата година, ја работеше квалитетно. Програмскиот совет, пак, на јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија (МРТ), мора да биде поотворен за јавноста и повеќе да ја игра својата улога во контрола на работењето на куќата, вели претседателот на Центарот за развој на медиумите (ЦРМ), Дејан Георгиевски, кој денеска го презентираше извештајот за работата на ААВМУ и Програмскиот совет на МРТ подготвен од ЦРМ.

Една од главните забелешки за двете тела што ги дадоа и Георгиевски и новинарот Столе Наумов, кој работел на извештајот, е што ААВМУ предолго чекала за да реагира со допис до Програмскиот совет на МРТ за покривањето на настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година од страна на информативните редакции на МРТ, а пак Програмскиот совет не смеел да чека да му реагира регулаторот, туку морал самиот да почне постапка за утврдување на одговорноста за (не)известувањето на дел од информативните редакции.

Проблем со Програмскиот совет е и во тоа што не обезбедува правилен пристап на јавноста на седниците, иако тоа му е обврска.

– Програмскиот совет беше главно нетранспарентен, и иако имаат обврски да известуваат за закажаните седници, тоа на веб-страницата на МРТ го нема, а пак некои одлуки и документи може тешко да ги најдете. Ние како набљудувачи имавме проблем да присуствуваме, а голем дел од работите за седниците ги дознававме не официјално, туку моравме да бараме инсајдерски информации – вели Георгиевски.

Како највпечатлив пример за тоа во извештајот се посочена седницата на која се решавало за забелешките од ААВМУ за настаните од 27 април, нарекувајќи ја „кулминација на затвореноста и нетранспарентноста“.

„Повикувајќи се на проблематичниот Деловник – кој незаконски овозможува затворање на седницата, на уредно пријавените претставници на невладиниот сектор, претставници на Здружението на новинари на Македонија ЗНМ и на претставници на медиумите не им
дозволи да присуствуваат на седницата. Образложението беше дека темата е сензитивна и со цел да се избегне притисокот врз уредниците на МРТ, кои требаше да реферираат за известувањето на програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис за настаните во Собранието на РМ од 27 април 2017 година“, се вели во извештајот.

Препораката за ААВМУ пак е дека мора да прави анализа на пазарот на трудот во радиодифузната дејност, да доаѓа до податоци за потребите и навиките на публиката, но и за огласувачите и и нивните потреби, како и за слушаоста и гледаноста на радиостаниците и телевизиите.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.