fbpx

ЗНМ и ССНМ: Онлајн малтретирањето и заканите кон Лепа Џундева и други новинарки се неприфатливи

Последен сериозен случај на закани и поттикнување на говор на омраза, велат од ЗНМ и ССНМ, бил со колешката Лепа Џундева од ТВ 24, а поврзано со нејзиното интервју со грчкиот пратеник Сиригос

-

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија загриженост за говорот на омраза кон новинарите на социјалните мрежи во земјава.

Од таму велат дека упатиле заедничко писмо до странските амбасади и организации со особена загриженост во контекст на интернет заканите и нападите врз новинарките.

„Овој вознемирувачки тренд претставува сериозна закана за слободата на медиумите и ги поткопува демократските вредности и принципи што ги поддржуваат Македонија и нејзините меѓународни партнери. Дополнително, ваквите притисоци создаваат чувство на несигурност и предизвикуваат самоцензура во медиумскиот простор“, се вели во заедничката реакција на ЗНМ и ССНМ.

Последен сериозен случај на закани и поттикнување на говор на омраза, велат од ЗНМ и ССНМ, бил со колешката Лепа Џундева од ТВ 24, а поврзано со нејзиното интервју со грчкиот пратеник Сиригос.

Дел од ова интервју, извадено од контекст, на својот Фејсбук профил објави телевизискиот водител Богдан Илиевски во својата емисија, со што поттикнал говор на омраза и закани кои можат да доведат до насилство.

„Некои онлајн медиуми како Off.net.mk ја продолжија кампањата за оцрнување кон Џундева, користејќи ја нејзината слика на социјални мрежи со што дополнително се испровоцираа лични навреди, повици за омаловажување како и експлицитни закани по животот на новинарката од страна на трети лица кои коментираат на овие објави“, велат новинарските здруженија.

За овој случај, ЗНМ вчера поднело барање за кривично постапување до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. Здружението го повикува Министерството за внатрешни работи „итно да ги преземе сите мерки за расчистување на овој случај“, додека од Основното јавно обвинителство очекува брзо процесуирање и ригорозни казни за оние кои објавуваат закани по животот на медиумските работници.

Здружението и Синдикатот на новинарите апелираат граѓаните да се воздржат од закани кон новинарите и медиумските работници, бидејќи таквите постапки претставуваат кривични дела за кои можат да следат и затворски казни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Меџити најави затворање на депонијата во Липково

Изет Меџити, министерот за животна средина и просторно планирање, со вицепремиерот Арбен Фетаи, како и пратеници од регионот и општински советници, денеска најавија затворање на нестандардната депонија на Липково,...