Заврши ЕXPO 30 – настан кој во фокусот ја прикажа македонската мода (галерија)

Фото: BOTTEGA EVENTI

Вчера во Музеј на современа уметност се одржа вториот и последен ден од настанот EXPO 30 во организација на Боттега Евенти, гостите и овој пат имаа можност да ги погледнат новите модни колекции на уште пет македонски дизајнери, да се забавуваат со македонски ди-џеи и да дегустрираат македонски производи. Настанот е организиран по повод одбележување на 30 години независност на државата и е поддржан од страна на Владата на РС Македонија.

Ревискиот дел во вториот ден на EXPO 30 започна со претставување на заедничка ревија на студентите по моден дизајн од трите факултети која што внесе свежина на целиот настан.

„Она што го видовме од студентите од Институт за дизајн и облека на ТМФ при УКИМ, Анастасија Петрески и Кристијан Арсовски беше футуризам во допир со готика на моделите“, соопштија организаторите.

Данијела Савиќ од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет во својата колекција претстави неколку модели, а тематиката беше патешествие низ македонската култура и традиција каде што е отсликана слоевитоста и тежината на македонската традиционална женска носија од Порече. При осмислувањето на концептот, традиционалните шари и орнаменти се оставени во нивната автентична форма без да се прави било каков обид за редизајн на везот.

Фуркан Арифи од Универзитетот „Мајка Тереза“ стои позади новиот бренд „КАН“. Неговата прва колекција “Sin is IN“ настанала помеѓу Мексико и Токио, а целта на истата е да даде уште една перспектива и моден вкус за македонската улична облека за млади.

На EXPO 30 модната дизајнерка Лидија Георгиева ја претстави колекцијата Пејсаж бр. 22, работена според принципот слоу фешн и произлезена од потребата да се истражи влијанието на современата технологија во корелација со недостатокот од потребната доза на природа во нашето секојдневие.

Дизајнерката Силвија Михајловска под брендот „Алшар“ се претстави со модели базирани и инспирирани од нејзините цртежи и креации поврзани со долгогодишното искуство и работа во модата. Колекцијата се вика Re:Essence (како асоцијација на Reminiscence) што всушност претставува потсетување и навраќање кон идеи и референци користени во нејзините претходни колекции, сето тоа вклопено во една нова целина.

Колекцијата “Origin” на дизајнерот Митко Занов е спој од старото, новото и  непознатото, создадена од моментите на среќа, тага и љубов и инспирирана од  убавината. Самиот збор “origin” значи потекло, извор, почеток, корен или појдовна точка. Токму затоа во оваа колекција метафорично се претставува една мала ретроспектива на работата на брендот „Занов“.

Lucid dreams in torn realities на Јована Филиповиќ во соработка со Ајбуке Баркчин која се јавува како кодизајнер/соработник на колекцијата, претставува олицетворение на едно пријателство и ја потенцира важноста на сонувањето и младешката фантазија, а тоа е и почетната инспиративна точка на самата колекција. Втората инспирација за Lucid dreams in torn realities е спој од книгата на Луис Керол, „Алиса во земјата на чудата“ и јапонското аниме „Паприка“, базирано на новелата на Јасутака Цутсуи.

Втората вечер на EXPO 30 ја заокружи модната ревија на „Кокев“ со колекцијата за есен/зима 2021/22 и претстави модели со софистициран дизајн, елеганција и  екстравагантност кои се совршено изработени од високо квалитетни ткаенини.

Ди-џеите Чваре, Соул Кејс, Узун Баба, Џон Антонио, Чедо и Соња Исмаил беа музичка подлога на модните ревии, а потоа со свои ди-џеј сетови ги забавуваа гостите кои во експо зоната дегустираа пијалоци и деликатесни производи од десет македонски компании. Двата дена на EXPO.30 беа спроведувани сите актуелно важечки протоколи за организација на настани донесени од  Министерството за здравство.