Започнува Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice 2022“

фото: Федерација за лизгачки спортови на Северна Македонија

Денеска и утре на лизгалиштето во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи шестото издание на Меѓународниот натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice 2022“.

На Меѓународниот натпревар учество ќе земат 55 натпреварувачи поделени во вкупно 10 категории, од кои осум во женска и две во машка конкуренција. На настанот ќе има и гости од Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина.

Организатор на „Skopje on Ice“ е Федерацијата за лизгачки спортови на Северна Македонија.

„Уметничкото лизгање е млад спорт во Македонија, но интензивно се развива. Нашите спортисти имаат сè подобри резултати, а оваа година имаме огромен интерес за нашата школа за уметничко лизгање, па така педесетина деца зимава ги направија првите чекори на мразот“, вели Цветанка Макаровска, претседателка на Федерацијата за лизгачки спортови.

Меѓународниот натпревар започнува вечерва во 19:00 часот со настап во четири кетегории – две натпреварувачки и две интерпретативни. „Skopje on Ice“ продолжува и утре во 8:00 часот, кога ќе се одржат настапите во останатите шест категории.

Влезот за љубителите на овој спорт и двата дена е слободен.