Загадувањето со пластични кеси ќе продолжи уште една година

Во изменетиот правилник има и уште една промена, а тоа е промената во членот 2 во точката 1, зборовите „кеси над 15 микрони“ се заменуваат со зборовите „кеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони“

Photo by Brian Yurasits on Unsplash

Целосната забрана за употребата на пластични кеси во Македонија се одолговлекува. Наместо од 1 јуни годинава, забраната за користење на кесите кои ја загадуваат животната средина ќе почне да се применува од 1 јуни 2024 година, информираа денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека го измениле Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција.

Во изменетиот правилник има и уште една промена, а тоа е промената во членот 2 во точката 1, зборовите „кеси над 15 микрони“ се заменуваат со зборовите „кеси со дебелина на ѕидот од 15 до 50 микрони“. Па така, со измените се дефинира постриктно дека под терминот „кеси за носење на стоки“, влегуваат единствено лесните пластични кеси за носење на стоки.

Инаку, промените во правилникот за стандардите за биоразградливост на кесите всушност значат промена на постојниот стандард МКС EN 13432:2007/AC:2011 со еколошкиот стандард МКС EN ISO 17556: 2020, којшто ќе значи производство исклучиво на биоразградливи кеси по повисок еколошки стандард.

На 1 декември 2021 година стапи на сила одлуката за забрана за пуштање на пластични кеси на пазарот во земјава. Како што се наведува во членот 10 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување, исклучок од ваквата забрана е пуштањето на пазарот на биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди на биоразградливост, со исклучок на многу лесните пластични кеси за носење на стоки. Граѓаните можат да ги набават биоразградливите кеси за носење на стоки по цена од 15 денари за парче.

Нуредини: Целта на новата цена на пластичните кеси е зачувување на здравјето на луѓето и околината

Мета факт: Исполнето е ветувањето за постепена забрана на пластичните кеси