Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со шведскиот амбасадор Матс Стафансон, соопшти прес-службата на СДСМ.
На средбата се разговарало за текот на реализацијата на договорот од 2 јуни и од 15 јули, улогата на потписниците во спроведувањето на договореното, како и за мигрантската криза.
– Неопходно е целосно спроведување на договореното и почитување на утврдените рокови. Мора да се обезбедат услови за слободни, фер и демократски избори. Само на такви избори, ослободени од притисоци, граѓаните ќе можат во демократски амбиент да ја изразат својата слободна волја – рече Заев.
Претседателот на СДСМ истакнал дека незаконската одлука на Кривичниот суд уште еднаш ја покажа контролираноста на судството и силно ја потврдил потребата од специјален јавен обвинител, кој ќе има целосна автономија и техничка поддршка за постепено враќање на правдата во Македонија.
Амбасадорот Стафансон, како што се наведува во партиското соопштение, рекол дека очекува целосна и навремена реализација на договореното во Пржино и ја истакнал поддршката што ја дава Кралството Шведска за Македонија повторно да зачекори на патот на евроатлантските интеграции.